Ердоган во Унгарија, Орбан му подари коњ


Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска изјави дека сака да ги продлабочи односите со унгарскиот премиер Виктор Орбан, за време на неговата втора посета на Будимпешта во последните четири месеци.

Унгарија и Турција се единствените членки на НАТО кои не го ратификуваа пристапувањето на Шведска во Северноатлантскиот договор.

Унгарскиот парламент допрва треба да гласа за барањето на Шведска, приклучувајќи ѝ се на Турција, која долго време го блокираше членството на земјата и го кочи процесот иако Ердоган го укина ветото во јуни.

На прес-конференцијата по средбата двајцата лидери не го коментираа ова прашање, но унгарскиот претседател Каталин Новак, кој се сретна и со Ердоган, потврди дека се разговарало за проширување на НАТО.

„Сакаме посилни односи во одбраната и енергијата“
Повод за посетата на Ердоган беше стогодишнината од воспоставувањето дипломатски односи меѓу двете земји.

„Сакаме уште посилни односи во одбраната и енергетиката, области во кои веќе плодно соработуваме“, рече Ердоган, додавајќи дека целта е да се зголеми трговијата со стоки од четири на шест милијарди долари.

Ердоган беше пречекан со воени почести на плоштадот на хероите во Будимпешта, од каде што се упати на средба со Новак и Орбан.

Орбан му подари на Ердоган нониус, коњ од унгарска раса, иако турскиот лидер падна од коњ во 2003 година.

„Подарок од една коњаничка нација на друга“, напиша Орбан на Фејсбук.

Од Ердоган на подарок Орбан добил електричен автомобил произведен во Турција, а фотографијата ја објави на социјалната мрежа Х.

„Најдобрата зделка што сум ја направил. Добив 435 коњски сили за една. Добредојде претседателе Ердоган“, напиша Орбан.

За време на прес-конференцијата Орбан рече дека „бара сојузници со кои може да победи“. „Имаме голем план Турците и Унгарците да бидат заедно победници во 21 век“, изјави тој.

Потпиша декларација за стратешко партнерство
Двајцата лидери потпишаа декларација за подигнување на односите на ниво на „стратешко партнерство“, кое Орбан го опиша како „израз на најблиската, пријателска, братска и политичка соработка“.

Во последните години Унгарија води политика на отворање кон Исток, не само кон Русија, туку и кон Кина и кон земјите од Централна Азија.

Таа е единствената членка на ЕУ која одржува блиски односи со Русија од почетокот на војната во Украина во февруари 2022 година.