Ердоган на средба со Трамп во Белата куќа на 13 ноември


Претседателот на САД Доналд Трамп соопшти дека ќе има средба со неговиот турски колега Реџеп Тајип Ердоган на 13 ноември во Белата куќа.

Трамп ја најави на Твитер посетата на Ердоган, еден ден откако се закани дека ќе ја „уништи турската економија“ доколку Анкара спроведе воени операции во Сирија и доколку направи нешто за што тој мисли дека е недозволиво.

Трамп вчера се закани дека „целосно ќе ја уништи и збрише турската економија“ доколку Анкара „отиде предалеку“ и преземе воена операција против Курдите во Сирија.
„Како што претходно потенцирав претходно, и ќе повторам, дека доколку Турција направи нешто кое јас, во мојата голема и неспоредлива мудрост оценам дека е недозволиво, целосно ќе ја уништам и збришам економијата на Турција (Сум го правел тоа и претходно)“, напиша вчера Трамп на Твитер.

Во денешните твитови, пак, Трамп ја бранеше Турција, посочувајќи дека таа земја е голем трговски партнер на САД и оти го ослободи американскиот свештеник Ендрју Брансон, осуден за помагање терористи.

Трамп, исто така, посочи дека Турција е членка на НАТО „која ги исполнува своите обврски“.