Ер Србија на 21 мај почнува со летови за четири европски дестинации, од 7 јуни и за Скопје


Авио компанијата Ер Србија објави дека од 21 мај ќе ги врати летовите на ограничен број дестинации, кон Лондон, Цирих, Франкфурт и Виена, и дека овие летови ќе бидат редовни.

-Сè е подготвено, од следната недела нашите авиони ќе продолжат со редовен патнички сообраќај кон Лондон, Виена, Цирих и Франкфурт, изјави Никола Вукомановиќ од Ер Србија за Танјуг.

Тој додаде дека бројот на неделни летови ќе зависи од побарувачката на патниците, но и од ограничувањата на регулаторните тела во земјите кон кои лета Ер Србија.

-Во исто време, работиме на обнова на регионалните линии и до крајот на денот или утре ќе се знае за кои градови во регионот ќе летаме, што може да дознаете и од редот на летање на нашиот сајт, кажа Вукомановиќ.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, според објавениот распоред на летови за периодот од 21 мај до 14 јуни, објавен на веб-страницата на „Ер Србија“, може да се види дека летовите кон земјите од регионот ќе започнат од 1 јуни.

Според објавениот распоред, од 1 јуни „Ер Србија“ ќе лета кон Подгорица и Тиват, од 4 јуни до Сараево, од 5 јуни до Бања Лука и Љубjана, а од 7 јуни до Скопје.