ЕПП бара начини како за надворешните работи во ЕУ да се гласа со квалификувано мнозинство
Во изјавата од проширениот самит на Европската народна партија (ЕПП) со кој одбележува 50-годишнината од форрањето на групата, се бара преку Лисабонскиот договор да се изнајдат начини како да се носат одлуки за надворешни прашања во Европската унија.
„Во сегашниот брутален глобален контекст, ЕУ мора да направи сè што е потребно за да се етаблира како кредибилен глобален актер за да може да го обликува новиот меѓународен поредок. За да го постигнеме тоа, мора да зборуваме со еден европски глас и сакаме да го искористиме целиот потенцијал на сегашниот Лисабонски договор за да го оствариме ова. Убедени сме дека во прашањата за надворешни работи ни се потребни нови начини да одлучиме да бидеме повлијателни. За да се движиме кон гласање со квалификувано мнозинство во надворешните работи и да ги надминеме повторените блокади, подготвени сме почесто да ги користиме флексибилностите предвидени во договорите, вклучувајќи ги и механизмите за подобрена соработка меѓу земјите-членки кои се подготвени“, се вели во изјавата.
ЕПП во изјавата ги нагласува војната во Иран. Групата вели дека Иран претставувал долгогодишна закана со својата нуклеарна програма, но дека во сегашната нестабилна ситуација, секоја ескалација на конфликтот мора да се спречи, а цивилите мора да бидат заштитени. „Ги осудуваме нападите на иранскиот режим врз неговите соседи. Ја повторуваме постојаната поддршка на Европската унија за Кипар, чија безбедност е неразделна од безбедноста на ЕУ“, стои во изјавата.
Во неа поименично се споменуваат уште Либан (се повиокува на разоружување на Хезболах) и Украина.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, беше на овој проширен самит на ЕПП. Тој на својот Фејсбук профил објави дека се дебатирало за иднината на Европа. „Размената на идеи, искуства и визии беше од особено значење, а атмосферата беше исполнета со енергија, соработка и заедничка посветеност кон европските вредности“, напиша Мицкоски.