„Епл“ ја загуби битката, универзален полнач за сите мобилни телефони во ЕУ
„Епл“ ќе мора да го промени конекторот на „ајфон” уредите што се продаваат во Европа до 2024 година, бидејќи земјите и законодавците на ЕУ се договорија за единствен порт за полнење на мобилни телефони, таблети и камери.
Ова е прв договор од ваков вид во светот и следи откако компаниите не успеаа да се договорат за заедничко решение. Европската комисија се залагаше за една порт за полнење на мобилни уреди пред повеќе од една деценија, пренесува Ројтерс.
Корисниците на „ајфон“ и „андроид“ телефоните долго се жалат дека мора да користат различни полначи за уредите. Првиот се полни со помош на „лајтнинг“ кабел, додека уредите базирани на „андроид“ системот се напојуваат со УСБ-Ц конектор.
Половина од полначите продадени со мобилни телефони во 2018 година имале УСБ микро-Б конектор, додека 29 отсто имале УСБ-Ц конектор и 21 отсто имале „лајтнинг“ конектор, според студијата на Комисијата од 2019 година.
„Договорот што го направивме на потрошувачите ќе им донесе заштеда од околу 250 милиони евра за непотребно купување полначи, а на годишно ниво ќе се намелат 11.000 тони отпад. Исто така, ќе овозможи да се појават и созреваат нови технологии, како што е безжичното полнење, а да не се дозволи иновациите да станат извор на фрагментација на пазарот и непријатности за потрошувачите“, рече еврокомесарот за индустрија Тиери Бретон.
Според неговите зборови, до есен 2024 година УСБ – Ц ќе стане заеднички пруклучок за полнење на сите мобилни телефони, таблети и камери во ЕУ, се наведува во соопштението на Европскиот парламент.
Во 2021 година, Европската комисија предложила УСБ тип Ц да биде заеднички влез за сите електронски уреди.
Комисијата тогаш порача дека не е целта да му наштети на „Епл“ и дека одлуката е донесена бидејќи и покрај десетгодишните разговори, компаниите не успеале да се договорат за заедничко решение.
Технолошкиот гигант „Епл“ на новата законска регулатива на ЕУ сега ќе мора да ги прилагоди производите како „ајфон“ и „ајпед“.