Епископ Марко назначен на чело на новоформирана Делчевско-каменичка Епархија
Во Црквата Успение на Пресвета Богородица во Делчево денеска беше извршено востоличувањето на епископ Марко на чело на новоформираната Делчевско-каменичка епархија. Епархијата е формирана со одлука на Синодот на Македонската православна црква- Охридска архиепископија е една од 15 епархии во јурисдикција на МПЦ-ОА.
Претставувањето на Епископ Марко на света архиерејска литургија во Делчево го изврши неговото високо преосвештенство митрополитот Брегалнички г-н Иларион, а на настанот присуствуваа високи црковни претставници од земјава, Србија и други гости кои го збогатија денешниот црковен чин.
Епископот на новоформираната Делчевско-каменичка епархија по неговото назначување истакна дека епископот се поставува на служба првенствено за да ги принесува даровите на благодарење и да ја упатува заедницата на патот кон обожувањето.
-Тоа е програмата на секој архиереј на црквата Христова, тоа ќе биде и нашата програма на делување во оваа новоформирана епископија Делчевско-каменичка на која денес биваме поставени за епископ. За успех на мисијата која ни ја доверува црквата се надевамe на Божјата помош која е глава на црквата и кој ја стекна истата со својата крв, рече епископот Марко.

Денешниот ден, како што истакна делчевскиот градоначалник Горан Трајковски, е голем ден за Делчево и верниците од православна вероисповед, ден кој носи гордост и за него како градоначалник претставува посебна чест што за време на неговиот мандат Делчево и Македонска Каменица добиваат своја епархија.
-Седиштето на Епархијата со црковната администрација ќе биде во Делчево со што пристапот на граѓаните до црковната администрација ќе биде олеснет. Историјата покажала дека верата е она што нè идентификува и нè движи напред и е спасение за секој човек, рече Трајковски.
Градоначалникот на Македонска Каменица, Димчо Атанасовски на новиот епископ му посака долгогодишна служба очекувајќи добра соработка помеѓу општината и новоформираната епархија.

Со чинот на востоличување на нови епископи и во други епархии верниците очекуваат целиот народ да се приклучи кон целата православна екумена.
Одлуката Делчевско-каменичката епархија да биде формирана како посебна епархија е донесена на 20 јуни 2023 година како една од 15 епархии во јурисдикција на МПЦ-ОА. Седиште на новоформираната епархија е во Делчево со јурисдикција на градовите Делчево и Македонска Каменица заедно со селата во овие општини.