Епидемилошката состојба стабилна, малку прекршувањата на мeрките за празниците
Епидемилошката состојба е приличо стабилна, и натаму е оној тренд на исклучително мал број пациенти и верувам дека така ќе остане, оцени министерот за здравство Венко Филипче.
Тој, како што изјави денеска по посетата на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство, верува дека за време на празниците прекршувањата на мерките не беа чести и многу и дека сме во еден навистина период на стабилна епидемилошка слика во кој добро се менаџира и делот со тестирањата и во делот на хоспитализацијата.
– Епидемилошката ситуација би рекол дека е прилично стабилна. Значајно се намалува бројот и во овие изминати денови на пациенти на коишто им е потребна хоспитализација, а и понатаму е оној тренд на одржување на оној исклучително мал број хоспитализирани пациенти во сите болници не само во Скопје, туку и ширум државата. Верувам дека ќе остане вака, верувам овие прекршувања на мерките навистина не беа чести и не беа многу, гледавме по телевизиите и мислам дека сме во еден период на стабилна епидемиолошка слика во која што добро се менаџираат и делот на симптоматски пациенти на коишто им е потребно тестирање. Значајно се олесни и тој дел со тестирање со брзите тестови во сите јавни здравствени установи и во делот на хоспитализација каде што има сосем доволен број болнички кревети и сосем доволен број лекари, медицински сестри за третман на пациентите, изјави министерот за здравство одговарајќи на новинарско прашање.
Во врска со прославата на министри од ДУИ, Филипче посочи оти тоа е доказ дека законите важат за сите.
– Мерките важат за сите. Ете и тие колеги излегоа и кажаа дека ќе ги платат казните предивдени со сите мерки и санкиции и што е доказ дека законите важат за сите, истакна Филипче.
Прашан за тоа кој кадар ќе работи во модуларните ковид болници кои се отвораат во градовите во земјава, министерот истакна дека тоа ќе бидат истите лекари кои веќе работат во болниците со ковид-пациенти.
– Станува збор за лекари кои и сега во јавно-здравствените установи работат со ковид-пациенти. Целта на модуларните болници е основните болници да бидат целосно чисти. Тоа значи модуларните да бидат на некој начин инфективни одделенија. Истиот персонал нема да работи физички во болницата, туку во модуларната болница која е инсталирана веднаш во дворот и ќе биде целосно изолирано одделение, рече министерот за здравство, додавајќи оти не стравуваат за потребниот персонал бидејќи јавно-здравствените установи имаат концепт кој и како ќе работи таму.
Тој соопшти дека лекот „Ивермектин“ ги поминал сите фази во Министерството за здравство и во МАЛМЕД и ќе се издава на рецепт од страна на матичните лекари и во болнички услови во следните две недели.
-Студиите покажаа дека „Ивермектинот“ се дава на три групи граѓани и тоа, кај ризичните групи на работници, коишто имаат висок ризик да заболат, потоа на луѓе, кои биле во контакт со заболен и на заболени пациенти. И кај трите групи има различни индикации, различно дозирање и затоа е потребно давањето на лекот да биде под контрола на лекар. Јас верувам дека во следните две недели ќе биде достапен во нашата земја, изјави Филипче.