ЕМОФ Скопје 2025: Статистика што инспирира над 4.000 спортисти, 15 спортови, 50 делегации


На Европскиот младински олимписки фестивал – ЕМОФ Скопје 2025 одржан од 20 до 26 јули учествуваа повеќе од 4.000 млади спортисти од 50 различни европски делегации во 15 различни спортски дисциплини, меѓу кои меѓу кои атлетика, пливање, џудо, велосипедизам, баскет 3×3, стрелаштво, гимнастика, маунтајн бајк, пинг-понг, кајак кану слалом, бадмингтон, таекводно, кошарка, ракомет и одбојка.

– Овие бројки не се само статистика, туку сведоштво за довербата што Европа ѝ ја даде на Македонија како домаќин, и потврда дека македонската престолнина успеа да го оправда секое очекување. Со беспрекорно организирани натпревари, модернизирани спортски сали и отворени срца, Скопје го освои вниманието на спортската јавност, но уште поважно – го освои срцето на секој млад спортист, тренер, волонтер и гостин што беше дел од оваа спортска приказна, велат од ЕМОФ 2025.

На игрите во македонската престолнина беа доделени 488 медали, остварени индивидуални, светски и европски рекорди.

– Сè што ги делеше учесниците, националност, јазик, боја на дрес, исчезнуваше пред силата на фер плејот. Во сите објекти каде што се одвиваа натпреварите, се чувствуваше духот на заедништво, мотивација и респект, токму она што го прави ЕМОФ уникатен меѓу спортските настани. Градот живееше и надвор од терените – со програми за забава, музика, култура, интеракција и размена на искуства. Илјадници млади од различни краеви на Европа споделија моменти што ќе ги паметат цел живот, создадоа нови пријателства ја запознаа топлината на македонското гостопримство. Над 700 волонтери – претежно млади луѓе од целата земја беа вистинската сила зад кулисите на овој спектакл, додаваат од ЕМОФ.

Организаторите изразуваат благодарност до сите институции, партнери, спортски федерации, делегации и медиуми што дадоа поддршка за реализација на настанот. Во обраќањето за време на затворањето, Претседателот на Европските Олимписки Комитети, Спирос Капралос истакна дека ЕМОФ Скопје 2025 беше екстремно успешен организиран настан и дека Скопје и Куманово не само што го положиха испитот како домаќини, туку поставија и нови стандарди во регионот и Европа кога станува збор за младинските спортски настани.