Емоции, виртуозност и два биса – брилијантните Роман Симовиќ и „Профундис“ го воодушевија Скопје 

Синоќа во Филхармонија, виолината  на Симовиќ, изработена од Антонио Страдивари од 1709 година, беше празник за нашите уши


Фото: А. Аргакијева

Синоќа во Скопје се случи фузија од емоции и виртуозност која беше наградена со долг аплауз и стоечки овации. Ретка е приликата, а огромно уживањето, сцената во големата сала на Филхармонија да ја делат Роман Симовиќ – концерт-мајстор на Лондонската филхармонија, еден од моментално водечките виолинисти во светот, „Профундис“ како водечки уметнички камерен состав во Македонија, но и во регионот, под палка на страстна диригентка како Ѓурѓица Дашиќ, со уникатна и тешка програма со дела на тројцата најголеми британски композитори Вилијам Волтон, Вилијам Лојд Вебер и Ралф Вон Вилијамс, и спектакуларните 4 годишни времиња од Астор Пјацола,  и пред отмена публика, меѓу нив  и евроамбасадорот Дејвид Гир. 

Фото: А. Аргакијева

Во Филхармонија, квалитетот одамна не се мери со квантитетот, во смисла дали салите се преполни до последно место, ама гостувањето на врвни изведувачи кои добиваат кралски третман во Скопје, во однос  на сместувањето и фини хонорари, се капка во морето во однос на задоволството и уживањето за публиката, а Скопје ја става на мапата на културни центри кои имаат капацитет за врвни гости. 

Синоќа, виолината  на Симовиќ, изработена од Антонио Страдивари од 1709 година која му е позајмена од филантропот и колекционер на инструменти Џонатан Моулдс,  беше празник за нашите уши,  а предизвика и респект меѓу членовите на „Профундис“,  едни од најистакнатите македонски инструменталисти што се дел од двата професионални оркестри во земјава, НОБ и Националната филхармонија. Светски прославениот виолинист кој е визитинг професор на Кралската академија во Лондон и има настапувано во „Карнеги Хол“, големата сала на Конзерваториумот „Чајковски“, салата „Марински“ во Санкт Петерсбург, Операта во Тел Авив, салата „Викторија“ во Женева… исто така, беше задоволен од професионалниот изведен концерт и атмосферата , па ја почести публиката со две виртуозни делници на виолина, откако доби силни аплаузи и стоечки овации. 

Фото: А. Аргакијева

Симовиќ, кој, како што изјави пред концертот, по подолг период е пак во Скопје, има издадено бројни цедеа, но се издвојуваат четири на кои тој е уметнички раководител на гудачите на Лондонскиот симфониски оркестар снимени за ЛСОлајв, како и неговото цеде со Виолинските каприси од Паганини за соло виолина.
 
Камерниот оркестар „Профундис“ е  уметнички состав кој постои веќе четири години и чии цели се промоција на квалитетот и особеноста на изразот со посебен акцент на оригиналноста на сите концертни изведувања. Диригентката Ѓурѓица Дашиќ е уметнички раководител на камерниот оркестар, а Јане Бакевски, креативен директор во „Профундис“.