Ембла ја покажа суровоста на околината, повторно е со своите соученици


Четвртоодделеката Ембла Адеми од Гостивар е повторно меѓу соучениците во ОУ „Башкими“. Таа не го почна второто полугодие во нејзиното одделение поради бојкот на родителите на учениците од паралелката кои се жалеле на агресивност од ова 11-годишно девојче со Даунов синдром.

Министерот за образование и наука Јетон Шаќири утрово на Фејсбук соопшти дека на негово задоволство и на задоволство на нејзиното семејство, Ембла продолжува да стекнува нови знаења, да напредува и да ги развива пријателствата со своите врсници.

Шаќири напиша дека Ембла не ја почувствува радоста од повторното враќање во училишните клупи на првиот ден од второто полугодие, затоа што, за жал, како што вели, „во нашето општество се уште постојат стереотипни размислувања и предрасуди за луѓето со посебни потреби“.

– Среќата во очите на Ембла е наша заедничка среќа. Победа на општеството и на вистинските човечки вредности. Посакувам вакви ситуации да не се повторуваат. Затоа, мораме да продолжиме да даваме придонес кон подигнувањето на свеста за децата со попреченост. Тие не се поразлични од другите и заслужуваат еднаков пристап до квалитетно образование како и сите други. Тоа е основно право и должни сме да го овозможиме, да создадеме услови во кои секое дете ќе го развива и ќе го реализира својот полн потенцијал. Да докажеме дека подигнувањето на инклузивноста на образовниот систем е наш врвен приоритет и процес кој ќе продолжиме да го спроведуваме. Драга Ембла, ти посакувам успех во понатамошната едукација. Застанувам позади тебе во секоја следна битка!, напиша Шаќири на својот фејсбук-профил.

Единаесетгодишната Ембла вчера, со еден ден задоцнување тргна на училиште, но сама, затоа што родителите на другите ученици од ОУ „Башкими“ во Гостивар ја бојкотирале наставата. Тие во петиција напишале дека одлуката да не ги пуштаат своите деца на настава ја донеле „поради попречување на наставата од страна на ученичката Ембла Адеми и поради агресивност“.

Како што објавија медиумите вчера, директорот на ОУ „Башкими“ Зијадин Нуредини изјавил дека се договориле со родителите на Ембла, таа „да циркулира и да ротира во три паралелки“ за да не остане само во една училница. Девојчето го посетиле и претставници на Центарот за деца со посебни потреби „Хандимак“ од каде што изјавиле дека таа никогаш не била агресивна.

Но, и покрај денешната објава на министерот, јавноста е згрозена од приказната а бараат и понатамошна одговорност од иснтитуциите, истовремено прашувајќи се зошто досге ане биле преземени мерки од надлежните. 

– Ама не е доволно Ембла што е вратена во класот, полека малце. Прво директорот треба да се смени што дозволил 11 мајки да прават проблем и да обвинат дете дека е агресивно иако детето имало асистент кој не го сведочел така тоа. Второ, ја ставил да учи сама во сала за приредби со лошо греење, тоа не се услови за учење. Трето, каде е инспекторатот цело време и што имаат они превземено за случајов? Чекајте малце другари, да одиме по ред – пишуваат на социјалните мрежи. 

Многумина искажаа поддршка за Ембла.

– Петицијата на родители против дете со Даунов синдром е најновиот пораз на нашето општество кога станува збор за односот кон најранливите меѓу нас. Вкоренетите предрасуди повторно преовладаа над основните принципи на солидарност и емпатија. Раководството на образовната установа во Гостивар со своите дејствија се приклучило кон дискриминаторите, наместо да се стави во заштита на едно дете, за чија инклузија има не само морална, туку и законска обврска – велат од Хелсиншкиот комитет од каде подготвуваат претставки и дописи до повеќе институции:
Бараат Општината Гостивар итно да го разреши директорот кој дозволил ваков развој на настаните и крајно дискриминаторски третман кон малата Ембла; Министерството за образование и Државниот просветен инспекторат да извршат надзор во училиштето и да ги преземат сите мерки за да ја заштитат ученичката, како и да ги обезбедат сите услови за нејзина инклузија во наставата; Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, која веќе најави постапување по службена должност, повратно да информира за сите сознанија до кои ќе дојде при работата на овој случај.

– Санкциите и институционалниот одговор се неопходни, но не се доволни за да се искоренат дискриминаторските практики кон лицата со попреченост. Токму затоа, сите споменати чинители мора да се вклучат во изнаоѓање решенија кои ќе спречат повторување на вакви случаи, преку континуирани советувања и обуки наменети за родители, наставници и ученици, бидејќи лекциите како ,,Тимјаник’’ очигледно се повторуваат без да се научат. Бидејќи проблемот не е и не може да биде во децата со попреченост. Проблемот е во синдромот на нечовечност кој безобѕирно се манифестира и врз најневините – велат од Хелсиншки.