Емануел Рембер за „Независен“: Јас сум писател влезен во светот на дипломатијата


Елегантен во изгледот, дисциплиниран како писател и со задоволство виден гостин на разни културни, дипломатски и модни случувања во Македонија.

Тоа е нашиот соговорник Емануел Рембер, дипломат, советник за култура и соработка во Амбасадата на Франција и директор на Францускиот институт во Скопје.

Завршил докторски студии по лингвистика и дидактика на францускиот јазик на Универзитетот во Руан, на тема: „Имиџот и положбата на францускиот јазик во американските универзитети“. Работел како лектор по француски јазик на Катедрата за француски јазик на Универзитетот „Џон Хопкинс“ во Балтимор, САД, а работел и како директор на француските студии на Институтот за американски универзитети во Екс-ан-Прованс. Потоа работи како директор на 600 испитни центри за 88 земји во Дирекцијата за меѓународни односи / Дирекција за образование при Стопанската комора во Париз.

Дипломатската кариера ја започнува како аташе за соработка за француски јазик во Осло, Норвешка, а потоа во Братислава, Словачка. Од 2007 до 2010 година е дописник и одговорно лице за Балканот и континентална Европа во француското Министерство за надворешни и европски прашања, во Централната канцеларија за странски и европски прашања. Во 2012 година заминува во Триполи, Либија, како Советник за политички прашања во Амбасадата на Франција, а потоа на истата функција и во Брисел.

Во 2013 година Рембер е одликуван е со „Златен медал на честа“ од страна на француското Министерство за надворешни работи.

Тој е автор е на четири книги: „Чествување на Доминик“, „Шапката на Баренц“,„Немирни денови во Либија“ и „Во Лотарингија“, неговата најнова книга е биографски есеј која е преведена на македонски јазик во издание на „Магор“.

Пред патувањето за Струга, каде што ќе одржи предавање во рамките на Струшките вечери на поезијата, Рембер за „Независен весник“ проговори за своите професионални и приватни предизвици.

Престојот во секоја земја го завршувате со книга. Уште е рано, тука сте две години, на половина од мандатот. Каква книга ќе напишете за Македонија: романтична, научна фантастика или трилер?

– Најпрвин, би сакал да кажам дека пишувам хроники за три списанија: „Економија и бизнис“, „Космо“ и „Портрет“. Во нив обработувам тематики од Северна Македонија, но и пошироко. Потоа, со еден пријател, историчар по професија, и еден водич од Битола, направивме марш на мазга, кој беше долг 220 километри, по должина на линијата на Македонскиот фронт и рововите од Првата светска војна, на потегот од Битола до Солун. Тоа беше чин што го имавме замислено како оддавање почит на паднатите борци од овој фронт. Овие заборавени војници од Првата светска војна, на кои понекогаш се гледаше дури и со презир, вклучувајќи го тука и Клемансо, ги нарекуваа „Солунски градинари“. Со мојот пријател историчар во моментов пишуваме книга инспирирана токму од ова делумно историско и делумно книжевно патешествие.

Се приспособивте ли на животот и на интелектуалната средина во Македонија?

– Да, одлично. Една од компетенциите што им се бара на дипломатите е токму способноста за приспособување, но и за набљудување.

Што ви се допаѓа, а што ве нервира во Македонија?

– Сè ми се допаѓа, а ретко се нервирам (се смее).

Кои ви се пријатели во Македонија?

– Пријатели во Северна Македонија имам од најразлични хоризонти: франкофони, секако, но и љубители на природата, тенисери или фармери.

Многу сте активен во нашата земја и како творец и како колумнист, и како дипломат, и како директор на ФИС. Тоа е дел од вашата работна етика секаде каде што сте престојувале или зависи од земја до земја? Набројте ги земјите што ја обележаа вашата кариера.

– Имам повеќе време отколку поголемиот дел од луѓето поради тоа што не гледам телевизија. Се информирам преку радио или печатени медиуми. Во секоја од земјите во кои сум престојувал (Велика Британија, САД, Норвешка, Словачка, Либија, Северна Македонија), си имам востановено свој мал ритуал од кој ретко отстапувам. За да се пишува, потребна е голема дисциплина и треба да си имате зададено фиксни термини. Секогаш пишувам полека или, како што милувам да кажам, плетам со зборови. Пишувам и дневник, најзначајното дело во мојот скромен живот како писател. Секоја вечер, секое утро, тука си ја пронаоѓам својата етика. Дневникот е одраз на моите морални принципи, но и ми го подигнува моралот.

Нели дипломатијата и литературата се два различни света кои творат на различен јазик, едниот на дипломатски, а другиот може да биде и директен?

… Постои разновидност во самата пракса: писател влезен во светот на дипломатијата и дипломат влезен во светот на книжевноста. Да речеме дека овие два збора одговараат горе-долу на тоа што ме води во животот.

Дипломатијата и книжевноста како зборови одлично се усогласени. Понекогаш не знам дали патувањата ме претвораат во книги или обратно.

Дали според вас културата доживува криза во глобални рамки или, пак, влијанието ѝ е поголемо од кога и да е?

– Она што е сигурно е дека светот се менува со голема брзина. Не би знаел дали може да се зборува за криза на културата, но денес замав зема една мас-култура, особено благодарение на социјалните мрежи. Се префрламе од една на друга тема за помалку од една минута. Внимавајте, не смееме да ја изгубиме навиката да седнеме, спокојно да читаме и размислуваме, дури и ако тоа не ни оди од рака.

Како почнавте во дипломатијата, а како во литературата?

– За мене дипломатијата почна пред 25 години. Со книжевност почнувам секој пат кога ќе имам време за себе.

Кој автор особено го почитувате? Што читате во слободно време?

– Читам најразлични книги, особено ме интересираат фрагментирани структури, дневници и преписки на авторот. Во последно време повеќе ѝ се посветувам на поезијата.

Моите омилени прозни автори се: Селин, Флобер, Калаферт, Шардон, Нимие, Моран, Пирот, Песоа, Пруст, Емануел Бов, Жубер, Жорж Перо, Солер, Цвајг, Штајнбек, Томас Харди, Леото, Жил Ренар, Жид, Шамфор, Кардиналот од Ре, Ери де Лука итн.

Кои навики ги донесовте од земјите каде што сте престојувале и работеле? Колку јазици зборувате?

– Од сите земји во кои сум престојувал повеќе од една година, сум донел по некоја навика. Од Норвешка, на пример, стекнав навика секое утро да земам масло од црн дроб на бакалар. Што се однесува до јазиците, продолжувам да ги изучувам францускиот и англискиот јазик, а зборувам помалку и неколку други јазици.

Дали често ја посетувате родната Франција?

– Како дипломат кој работи и живее во странство, во текот на летните одмори, не чувствувам потреба од некакви далечни дестинации. Напротив, имам потреба да се вратам во Франција, поточно во мојата родна Нормандија, покрај морето, и да се видам со моите пријатели и да поминам време со моето семејство, сопругата и двете деца.

Секогаш сте елегантен, со шал или марамче во џебот. Домашно воспитување или влијание од францускиот стил на облекување кој е неприкосновен во светот?

– Елеганцијата е она што останува и кога сè друго ќе изгубите. Убавината и стилот се кодекс на безнадежноста што го имам преземено од моите родители. Авторот Жак Шардон велеше: „Кога е нешто убаво, веќе е добро“. Интересно нели?

На кој моден креатор му се воодушевувате?

– На класичната мода. Тоа што сосема малку или никогаш не излегува од мода. Англиска мода со италијански кројачи.

Кој е Емануел Рембер приватно?

– Птица, но не во кафез. Слободата ја сакам најмногу од сè. Таа е за мене нешто неприкосновено.

Лејла Сабит