Елоквентна, отмена, енергична – така ќе ја паметам Милка Ефтимова

„Малкумина се оние што го живееле и го доживеале сето она, што јас сум го остварила во животот низ уметноста. Но, тоа бил мојот пат. Оној што е еден и единствен-за секој човек“


Фото: Б. Грданоски

Лејла Сабит

Уште од првата наша средба како новинар и примадона, па низ годините, кај неа дома, на јавни и гала настани, надвор на кафе, станавме пријателки. Биоенергиите ни беа на исто рамниште, како и гласниот муабет, годините не беа важни, таа Кармен и во приватниот живот, со црна секогаш исфенирана коса, црвен кармин, црн креон на очите. Со животна и професионална приказна за три животи, од целиот регион, особено од Љубљана каде единаесет години беше првенка на Операта, преточена во драматични сувенири, уредно посложени во нејзиниот убав дом во центарот на Скопје, како нејзините драматични тоалети од оперските ролји… На една од ревиите на нејзините костими за хуманитарна цел како помлада новинарка бев почестена кога ме покани да учествувам и да облечам нејзин костим, кој испишувал историја на некој гала настан. Таа фотографија од ревијата, ја сочував.

Го сакаше семејството, луѓето, имаше тон пријателки, колешки и колеги, студенти, сите на улица ја препознаваа македонската Кармен, која имаше вишок заразна енергија во себе и ја ширеше околу себе.Непосредна, а во исто време отмена, срдечна ама сепак легенда чија што дисциплина ќе ја направи професионалец од светски рамки. Ништо кај Милка не беше обично, се беше уникатно, испланирано. Си имаше и ритуали, не отстапуваше од нив. Постојана самоконтрола и грижа за своето здравје. Со самосвест за правилна исхрана, кондициска подготвеност, физички вежби, како и неделни третмани на лицето и телото за подобар изглед. Пред секој настап, ми откри, одбегнуваше дружење од типот на комуникација зашто ги штедеше гласилките, како и соодветен одмор за да може да се издржи темпото од три и повеќе часа на сцена. Но и во пензија, беше неуморна. Или се дружеше со пријателките, или даваше приватни часови, или посетуваше културни настани, или го посетуваше родниот Радовиш каде од 2006 година доби спомен- поставка со нејзините костими костими и гостувања. Сакаше да им остави нешто на нејзините сограѓани, да им се оддолжи за љубовта и поддршката што и ја даваа додека настапувала по светот.
“За нивната верна посветеност на моето дело“, знаеше да каже примадоната.

Фото: Д. Перковски

И до пред некоја година, во доцните 80-ти, не излегуваше надвор недотерана и без шминка, а меморијата ѝ работеше како швајцарски часовник.
Низ муабет ќе ми спомнеше како и недостигаат сцената, публиката, како никогаш нема да ги заборави настапите ширум Европа, Америка и во Македонија, само на „Охридско лето“ настапувала дваесет пати… Улогите во „Трубадур“, „Бал под маски“, „Мадам Батерфлај“, „Евгениј Оњегин“, „Кавалерија Рустикана“, „Кнез Игор“, „Фауст“, „Кармен“, по која најмногу ја препознаваа.

Фото: Б. Грданоски

„Насекаде во светот бев барана токму поради изведбата на таа улога. Севкупната моја лична појава и онаа на Кармен критиката своевремено ја оцени како идеална идентификација во убавината, ставата, гласот, глумата, темпераментот. За да се случи таква совршена претстава, мора да се има комплетен стилски и севкупен склоп и мислам дека сепак за мојата перфекција во таа улога на Кармен многу голем удел има човекот со кој ја работев и подготвував, а тоа е славниот диригент Ловро Матичиќ“, ќе ми речеше Ефтимова.

Фото: Б. Грданоски

„Од нас се очекуваше улогите да ги пееме во оригинал, на италијански, германски или француски јазик, ми изјави во интервју за Независен, Ефтимова , по повод објавувањето на книгата „Моето богатство“, поддржана од Министерството за култура. На 4оо страници, со текст и фотографии, Ефтимова раскажува за музичките почетоци во родниот Радовиш, отворањето на нејзиниот музеј во родниот град, присуството во општествено-културниот живот, потсетување на освоените награди, признанија, медали и благодарници, ревијата на нејзините костими за хумана цел, секојдневниот живот исполнет со дружење со семејството, пријателите, учениците, дипломатскиот кор…

На 400 страници, со текст и фотографии, останувате без зборови за завидната кариера – ќе речете. Цело богатство! Да, се согласувам, ќе напише и во уводот, почитуваната Ефтимова. „Многу или малку- не знам. Но, секако знам: малкумина се оние што го живееле и го доживеале сето она, што јас сум го остварила во животот низ уметноста. Но, тоа бил мојот пат. Оној што е еден и единствен-за секој човек“.

Особено беше нервозна пред објавувањето на оваа луксузна монографија, за која мораше да најде и спонзори, зашто печањето беше скапо. Се најдоа добри луѓе, бизнисмени кои и помогнаа со книгата, и таа беше најсреќна кога монографијата виде бел ден. Ѝ требаа повеќе од две години да ја раскаже и да ја сподели со публиката , како подарок во вид библиографија за нејзиниот уметнички пат, послан со цвеќиња „Моето богатство“ . А таа беше нашето богатство.

Фото: Б. Грданоски

Ѝ се оствари големата желба,  пред две години во НУ Музејот на македонската борба за самостојност да и биде отворена изложбата “Милка Ефтимова”  на која ексклузивно беа промовирани дел од личните предмети на примадоната кои беа нејзина донација . Таа донираше 183 лични предмети: фотографии, благодарници, ордени, креации во кои настапувала.

Фото: Б. Грданоски

„Од семејно наследство, тие сега добија музејска значајност“, кажа тогаш директорката на Музејот м-р Даниела Николова на отварањето на раритетната изложба на која дојде и претседателот Пендаровски. Автор на изложбата беше Василија Чали , соработник за визуелни уметности, дизајн и архитектура.

Светол пат драга Милка Ефтимова, секогаш ќе те носам во срцето!