Елизабета Шелева за Светлана Мојсов: Принцеза на науката и хуманоста

На големиот празник посветен на Свети Климент Охридски кој бил основач на средновековната школа по хуманизам , на 9 август, во куќата на Уранија на МАНУ беше врачена наградата за хуманизам за 2025 на Светлана Мојсов, а ја доделува Охридската академија на хуманизмот. Мојсов не присуствуваше на денешната церемонија на која требаше да и биде врачена наградата, од оправдани причини. Имено, пред само неколку дена до нејзиниот тим пристигнал краен рок за поднесување на кандидатурата за годинешната Нобелова награда за природни науки од областа на медицината.
Свеченоста, започна со поздравно обраќање на Претседателот на МАНУ, академик Живко Попов кој го објасни медицинскиот пат на Мојсов низ врвните институти на САД и сега е пред вратите на Нобеловата награда. По Попов, беседа за исклучителното хуманистичко дело на проф. Мојсов, одржа претседателот на интернационалното жири, амбасадорот Плевнеш. Свое обраќање имаше и проф. д-р Елизабета Шелева, истакната литературна критичарка и теоретичарка, и универзитетска професорка на Општа и компаративна книжевност на Филошкиот факултет во Скопје, член на Академија Балканика Еуропеана.
Еве, што кажа Шелева, во беседата:
„Чест ми е што сум поканета да се обратам на овој исклучителен и редок настан, што и’ служи на чест на сета македонска медицина и македонска наука, но и на пошироката јавност кај нас!
Чест ми е што денес можам да поздравам една автентична и во светски рамки ценета “принцеза на науката” како што е проф.д-р Светлана Мојсов – автентична и достојна “принцеза” на духот и науката – благодарение на сите свои макотрпно стекнати резултати и заслуги за човештвото – за разлика од голем број “самонаречени” и пред се’ политички (или “штапски”) октроирани ‘принцези”.
Во време кога дијабетесот стана ендемска болест на човештвото со оглед на нездравиот животен стил и начин на исхрана – придонесот на д- р Светлана Мојсов и нејзиниот вреден тим соработници е од непроценливо значење за сите луѓе, што се борат со оваа неизлечива – а опасна по живот – метаболичка состојба.
Дозволете ми, во оваа прилика, да укажам на едно необично совпаѓање – кое ми падна во очи по повод доделувањето на признанието “Принцеза на Астуријас” – за минатата (2024 год) – од доменот на мојата матична област: уметноста и културата. Имено – како претседател на УО на СВП, но и како автор на свечената беседа за лауреатката на Струшки вечери во 2019 година – романската поетеса Ана Бландијана – пред една година, до мене беше упатена лична замолба – да напишам своја препорака за нејзината кандидатура и истата да ја упатам до Комисијата за доделување на ласкавото признание “Принцеза на Астурија” од областа на уметноста и културата.
Почестена и трогната од овој гест – препораката ја срочив со големо внимание, респект и задоволство, коешто на крајот беше крунисано со убавата вест, дека токму Ана Бландијана е избрана како добитник на ова престижно кралско признание (чиишто претходни носители се истакнати светски писатели и Нобеловци).
Кога сме веќе тука, дозволете да укажам на неколку занимливи и драгоцени сознанија, во врска со споменатата, кај нас, за жал, недоволно позната награда!
Имено, признанието “Принцеза од Астуријас” се доделува од 2014 година наваму – за врвни дострели во неколку клучни области, како: култура и уметност, наука и техника, хуманистички науки и активизам. Инаку, претходно, во периодот од 1981 до 2014 година, оваа награда го носела името “Принц од Астуријас”.
Во своето пригодно истражување, што го спроведов во врска со профилот (и потеклото) на добитниците на оваа престижна (кралска) награда – дојдов до едно мошне занимливо и индикативно сознание – дека, во изминатиов период од 44 години – како добитници на наградата од Балканот се јавуваат вкупно четворица носители!
Нивните имиња се: Цветан Тодоров (од областа на хуманистичките науки) во 2008 година, Исмаил Кадаре (од областа на литературата) во 2009 година, Марина Абрамовиќ (од областа на визуелните уметности) во 2021 година и – Ана Бландијана (од областа на литературата) во 2024 година!
Но, за прв пат, свој лауреат (по потекло од Балканот) во областа на научните и технички студии – добиваме дури во 2025 година – токму по заслуга и благодарение на д-р Светлана Мојсов!
Освен гореспоменатото со-учесништво и признанието “Принцеза од Астуријас” (Ана Бландијана во 2024 г; а СветлАна Мојсов во 2025 г) – овие две исклучителни жени ги обединува уште една светла и значајна поврзница! Нивното име, кое и самото по себе претставува семантички полно поле!
Имено, Ана и СветлАна (на симболички план) ги обединува и благословот, содржан во (називот на) нивната света заштитничка – Св. Ана (позната како мајка на Св. Богородица), чиешто Успение се одбележува секој 7. август!
Овој датум инаку добро го паметам, благодарение на семејната историја, кога мојата драга тетка (и професор по биологија) Анка Арнаудова – секој седми август (и се’ додека беше жива) – не’ канеше и собираше дома на визита (како што обично велиме ние во Охрид) по повод нејзиниот именден.
На д-р Светлана Мојсов и’ го честитам најновото и заслужено признание “Светската награда за хуманизам” за 2025 година – со искрена убеденост, дека тоа ќе го благослови и ќе го трасира патот кон уште поголеми и позначајни награди, како што е Нобеловата награда за медицина!