Елена Ковачевска со софистициран изглед во Њујорк – што облече сопругата на премиерот на приемите кај Емине Ердоган и Џо Бајден


Њујорк, центарот на светската мода, заедно со Париз, Лондон и Милано, го откри стилот на Елена Ковачевска, сопругата на премиерот Ковачевски за која сите во Македонија се прашуваа како изгледа и како се облекува.

За своето прво јавно протоколарно појавување на гала настани од висок профил Ковачевска ја даде својата доверба на познато дизајнерско име – Тања Кокев, заради сето нејзино досегашно искуство, знаење и присуство на црвените килими дома и во светот, која ги туркаше границите во македонската мода и  која јавно си кажа дека сака да соработува со издржани ликови, убави, со јасен став пред јавноста, и цврст кредибилитет позади себе.  Очекувањата беа на ниво. Откривме дека сопругата на премиерот е убава дама со комуникациски вештини, и која со широката насмевка, и фризура многу потсетува на Леди Дајана. Светот ја виде во смирен, софистициран и минималистички стил за кој Кокев е царица.

Што облече сопругата на премиерот на приемите кај Емине Ердоган и Џо Бајден во Њујорк?

 

Ковачевска,  покрај првите дами на Франција, Латвија, Јужна Кореја и Естонија на приемот кај Емине Ердоган се истакнуваше во фустан со маркантна бургунди боја, од последната колекција 2021 / 2022 на Кокев .

Креацијата плени со материјалот каде освен специфичната боја има и интересна текстурата создадена од геометриска комбинација на ситно и покрупно плисирани делови кои внесуваат разиграност во инаку класичниот крој. Се чини дека на Ковачевска и прилега и бојата и кројот на оваа креација каде софистицираноста доаѓа од спојот на едноставноста со смелата боја.

На покана на американскиот претседател Џо Бајден, премиерот Димитар Ковачевски заедно со сопругата, синоќа присуствуваа на свечениот прием што тој го организираше во рамки на 77-то Генерално собрание на Обединетите нации.

За свечениот прием кај американскиот претседател Бајден, сопругата на премиерот се одлучи за софистицирана свилена тоалета на црна основа, од постарите есен – зима колекции на Кокев. Комбинацијата се состои од црна свилена блуза и сукња со А крој и истакната половина изработена од материјал со дискретни цветови кои излегувајќи од темнината наликуваат на уметничка слика. 

Л. Сабит