Ел Чека упорен со бомбашкиот „ветинг“ на ДУИ


Додека лидерот на ДУИ, Али Ахмети, заедно со своите сопартијци го финализираат законското решение за т.н. „ветинг“ – процес на проверка на интегритетот, капацитетите, професионалното досие и имотната состојба на сегашните и идните државни функционери и службеници, „бомбашот“ од Чикаго, Ел Чека, не прекинува да објавува прислушувани разговори за интегративците.

Последниве денови на удар се Ахмети, сè уште влијателниот ексвицепремиер Муса Џафери и актуелниот министер за животна средина Садула Дураки, кој во најавената реконструкција на Владата не е исклучено (по предлог на својот лидер) да го преземе новоформираното министерство за политички систем.

Според политичките набљудувачи, „бомбите“ се во функција на одредени прегрупирања, внатрепартиски пресметки и расчистувања. Практично има од сè по малку – битка за политичка и за криминална превласт, на структури на ДУИ, но и на групации што се на „воена нога“ со албанската партија на власт. Она што го разликува последниот случај од другите е што дистрибутерот не го ни крие својот идентитет и им порачува дека не им се плаши.

„Дел од разговорите се целосно приватни, кај дел, пак, преовладува јавниот интерес и тие треба да ги слушне јавноста. Таа треба да види како, всушност, владејачката албанска партија, која сега гласно најавува внатрепартиска реформа, но и промени во извршната власт, ја води својата кадровска политика. Да слушне како на незадоволен партиски член од ракав му се дава место на државен секретар“, вели активистот Аријанит Џафери од невладината „Еко герила“.

Според него, разговорите се полни со пцости, навреди, закани, што зборува за примитивниот однос на политичките првенци на ДУИ.

„Со афирмирањето на јавниот интерес се зајакнува демократскиот дух на државата, како гарант на функционирање на владеење на правото. Разговорите, тоа сум го кажал неколкупати, треба да се преведат и на македонски јазик за да знаат и нашите сограѓани за што конкретно станува збор. Да слушнат, да речеме, како Ахмети и Џафери зборуваат да се направи зулум во семејството на Изет Зекири, експратеникот од партијата НДП, на Руфи Османи или како Ахмети нарачува кој да биде нотар, а кој не“, вели Џафери.

Во вчерашниот последен прислушуван разговор објавен на фејсбук-профилот на Ел Чека се слуша како наводно Ахмети, незадоволен од информирањето бара од соговорникот да ги едуцира „оние од Алсат“.

Во друга „бомба“, пак, се слуша како Ахмети и Садула Дураки зборуваат за дополнително присуство на полициски сили во Липково.

„Тогашниот заменик-министер за внатрешни работи Џелал Бајрами (сега јавен обвинител) го прашува Ахмети која е причината за тоа. Граѓаните оправдано си го поставуваат прашањето, како е возможно заменик-министер на полиција да не знае што му се случува во ресорот и да бара одговори за полициски патроли од Ахмети“, вели Џафери.

Прислушуваните разговори ги опфаќаат и најсензитивните случаи како „Монструм“. Ахмети во еден разговор со Дураки, наводно, вели дека случајот „Монструм“ може да бил план на тајна служба за да предизвика конфликт меѓу Албанците и Македонците, а може, како што вели, да го извршиле исламски екстремисти. Дураки, пак, вели дека може да е бизнис во прашање.

Ел Чека неодамна објави и видео на кое воопшто не го крие ликот, како и разговор во кој ексминистерот за правда, а сега градоначалник на Сарај, Блерим Беџети и поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, се договараат како да го ублажат интересот на медиумите околу екстрадицијата на човек поврзан со случајот „Монструм“.

Специјалната обвинителка Фатиме Фетаи е сигурна околу расветлувањето на случајот „Монструм“. Таа во завчерашното гостување на 1ТВ изјави дека за овој случај чувствува одговорност и без расветлување на истиот нема да оди никаде.

Дел од албанските аналитичари сметаат дека „бомбите“ на Ел Чека и нанесуваат болка на ДУИ, но не може да предизвикаат посериозен внатрешен потрес, што ќе се покаже, како што велат, и во најавената реконструкција на владата. Тие очекуваат минимални промени во кампусот на албанските министри.

Ахмети се изјасни дека не ги слушал прислушуваните материјали. Ги смета за „утринска слана која бргу ќе исчезне“, ама реши да зборува за нив на неодамнешната прослава на 17. роденден на партијата.

„Не ги слушнав прислушуваните материјали ниту, пак, ќе ги слушнам. Таму не се објавуваат официјални туку приватни разговори, залудни работи. Тоа се прислушувани разговори кои се продаваат на Бит-пазар. Тоа е утринска слана која бргу ќе исчезне. Луѓето не треба да се занимаваат со вакви глупости. Патот што го избрале другите партии не ги води никаде. Со овие клевети ДУИ ќе живее уште 100 години бидејќи противниците не се достојни“, рече Ахмети нагласувајќи дека судството треба да се справи со случајот и дека оваа држава има потреба за правда и не треба да се молчи пред овие работи.

По објавувањето на „бомбите“, се создаде дилема за тоа дали тие смеат да се споделуваат во јавноста бидејќи во октомври 2015 година беше донесен Закон за заштита на приватноста, со кој се забранува нивно објавување, а пропишана беше казна до една година затвор. Иако од одредбите се сфаќа дека казната следува само за оној што ќе објави „бомби“ со приватна содржина, сепак, според експертите, не е направена доволно јасна дистинкција меѓу она што значи приватноста и јавен интерес и затоа може да се прават разни злоупотреби. Како проблем го наведуваат и тоа што последниот период „бомбите“ се пуштаат надвор од државата. (Н.К.)