Еквадорскиот претседател Морено по апсењето на Асанж: Британија вети дека нема да биде екстрадиран


Велика Британија гарантираше дека основачот на „Викиликс“ Жулијан Асанж нема да биде екстрадиран во земјата која со закон предвидува смртна казна, изјави претседателот на Еквадор.

„Во согласност со нашата силна посветеност на човековите права и меѓународниот закон, побарав од Велика Британија да гарантира дека Асанж нема да биде екстрадиран во земјата во која би бил изложен на мачење или соочен со смртна казна“, изјави Ленин Морено, во снимката поставена на социјалната мрежа Твитер.

„Британската влада го потврди сето тоа писмено, во согласност со нивните одредби“, додаде Морено, а пренесува „Ројтерс“.

Како што изјави претседателот на Еквадор, неговата земја го укинала азилот на Асанж откако тој повеќе пати ги прекрши меѓународните конвенции. Веднаш по одлуката за укинување на азилот, Асанж беше уапсен во амбасадата на Еквадор. Британската полиција влезе во еквадорската амбасада во Лондон и на сила го извлече Асанж.

Во амбасадата на Еквадор Асанж се наоѓаше од 2012 година, со цел да избегне екстрадиција во Шведска, која го товари за сексуална злоупотреба. Tоа обвинување одамна е отфрлено, но истото беше негов најголем страв. Имено, откако неговиот „Викиликс“ објави илјадници доверливи страници на американската дипломатија, тој е обвинет од Вашингтон за издавање на државни тајни, за што е предвидена најстрога казна.