Експертот за Европа, Драган Тилев, наведува седум гаранции што треба да ги побараме од ЕУ

Долгогодишниот врвен експерт за европски политики, Драган Тилев, вели дека би било многу тешко, но сепак возможно да се добијат некакви гаранции за предвидливоста на македонскиот пат кон ЕУ. Според Тилев, излезот е во проактивен однос кон барањето решение за излез од ќор-сокакот, креирање на позитивна клима и создавање на пријатели и поддржувачи за нашите аргументи и барани „гаранции“.
Тој во разговор за МИА наведува седум такви гаранции:
„Гаранциите како услов за промена на Уставот би можеле да се дефинираат и во смисла на, прво, признавање на македонскиот јазик од страна на ЕУ како еден од официјалните јазици на ЕУ, како дел од пристапните преговори и Поглавјето 34. Второ, обезбедување од страна на ЕУ на непречена работа на Комисијата за историски и образовни прашања без никакви временски рамки и ослободени од политички притисоци и со можна меѓународна експертска поддрша во работата. Трето, гаранции од ЕУ за воздржување од унилатерално толкување на спорните делови од билатералниот Договор за добрососедство и непотребно создавање на клима на недоверба и политички анимозитети, вклучително и во делот на историја, образование и култура.
Четврто, утврдување на заеднички правила од страна на ЕУ за следење и елиминирање на говорот на омраза од двете страни и на сите нивоа од општеството, вклучително и социјалните мрежи и дигитални медиуми. Петто, неселективно признавање на сите одлуки на Судот за човекови права на Советот на Европа. Шесто, писмен договор за завршување на Коридорот 8 од двете страни со гаранции од ЕУ. Седмо, отворање на граничниот премин Клепало од двете страни со посредство на ЕУ“, вели Тилев.
За ова прашање Тилев смета дека ова не би било лесно но возможно, додека Кржаловски оценува оти тоа не е возможно, имајќи ги предвид последните изјави на еврокомесарката за проширување Марта Кос, но и фактот дека друга земја би можела да стави вето, доколку не се види напредок, на пример во областа на корупцијата.
Тој додава дека не би бил изненаден доколку следното вето на нашиот пристапен пат кон ЕУ, дури и да го надминеме проблемот со Бугарија и уставните измени – ќе биде од Холандија заради лошите параметри во однос на владеењето на правото.
Тилев вели дека круцијално за Македонија е дали и кога и ние ќе го фатиме чекорот со Црна Гора, Албанија и Молдавија, дали тие ќе станат членки пред нас, „односно дали имаме политичка мудрост, економски потенцијал и административен капацитет да ја оствариме нашата генерациска стратешка цел пред 2030 година“, но дека пречки има, но проблемите се решаваат само доколку постои политичка волја и дипломатска умешност.