Експерти на Фондот за здравство работат на платите, исплатите за породилно и боледувањата


 
Фондот за здравствено осигурување на Република Северна Македонија информира дека кибер-нападот не довел до излевање на податоци надвор од базите на оваа институција. Техничките тимови на ФЗО, посочуваат оттаму, приоритет даваат на најбрзо можно враќање во функција на системот за исплата на плати на здравствените работници, како и за другите форми на исплата односно боледувањата, породилното и рефундациите.
 
– ФЗО ја известува јавноста во врска со забелешките од ревизорскиот извештај кои беа објавени во текот на денешниот ден од неколку медиуми, дека лиферираните информации се забелешки кои се однесуваат на 2021 година и по кои Фондот уште од минатата година постапува. Конечниот извештај за извршена ревизија, доставен  минатиот месец, укажува дека „во текот на 2022 година отпочната е постапка за јавна набавка на услуги за изнајмување на приватен облак за примарен и секундарен податочен центар во Фондот и миграција на апликации и податоци со кои се очекуваше состојбата да биде надмината“, велат од ФЗО.
 
Јавната набавка, појаснуваат оттаму, е распишана во септември минатата година, додека договорот е склучен на 9. декември, при што селектираната компанија започнала со работа од 1 јануари 2023. Според планот и спецификацијата, првата фаза односно миграцијата на системската инфраструктура требаше да се реализира во текот на оваа недела, кога всушност се случил нападот, а после која фаза би почнала миграцијата на апликативна и податочна инфраструктура. 
 

Веќе четири дена базата со податоци на осигурениците е недостапна како резултат на кибер нападот. Пациентите што се на боледувања се уплашени од можноста да не им бидат исплатени парите, а лекарите, пак, се чудат како ретроактивно ќе отвораат боледувања на нови пациенти оти од понеделникот системот е недостапен. Нефункционалноста остави отворени и други прашања за лекарите кои се жалат дека не добиле никакви насоки од Фондот за тоа како да постапуваат.Од таму уверуваат дека корисниците на Фондот може да поднесуваат барања, подрачните единици во континуитет се задолжени да ги примаат барањата, а велат дека се достапни и на телефонските линии, кои се јавно достапни.

И денес Фондот повтори дека сајбер-нападот не го загрозил лекувањето на пациентите на клиниките и кај матичните лекари, се издаваат рецепти, а лековите се подигнуваат од аптеките без застој.