„Ексон“ ја тужи ЕУ поради новиот данок што го воведе на нафтените компании
Нафтениот гигант „Ексон Мобил“ (ExxonMobil) поднесе тужба против ЕУ поради данокот на неочекуваните, екстра приходи на производителите на фосилни горива, кој беше воведен оваа есен. Наведениот данок се однесува на фирмите кои оствариле приходи од фактори за кои не самите заслужни.
За потсетување, за разлика од претходните години на пандемијата, во 2022 година енергетските компании заработија многу пари благодарение на украинската криза, односно стравот дека може да има недостиг од одредени извори на енергија. Гледајќи дека бележат високи профити, Европската унија реши да го оданочи овој начин на приход, нарекувајќи го „придонес на енергетските компании за решавање на кризата“. Затоа таа го покачи данокот на добивката на овие фирми на 33 отсто, што е за петтина повеќе од претходните три години.
„Ексон“ потоа поднесе тужба до Европскиот суд на правдата, тврдејќи дека официјален Брисел ги пречекорил своите овластувања и дека оваа мерка ќе биде контрапродуктивна бидејќи ќе ја поткопа довербата на инвеститорите и ќе го забави растот на енергетскиот сектор. Според пресметките на оваа компанија, споменатиот данок ќе ги чини производителите на нафта повеќе од две милијарди долари.
Во третиот квартал од оваа година, „Ексон Мобил“ имаше квартален профит од 20 милијарди долари. Во претходниот квартал забележа добивка од 17,85 милијарди долари, што е речиси четири пати поголема отколку што беше една година претходно. Другите гиганти, како „Шеврон“ и „Шел“, ги соборија своите претходни рекорди. „Шеврон“ заработи рекордни 11,62 милијарди долари, а „Шел“ оствари профит од речиси 11,5 милијарди долари.