Економски форум Скопје: Да се инвестира и во интернет инфраструктура и локален развој


Да се инвестира во инфраструктурата за интернет комуникација и во локалниот развој во регионот, паралелно со патното и енергетското поврзување, порачаа учесниците на Економскиот Форум што се одржува во Скопје, на панелот посветен на инвестициите во инфраструктурата.

– Инфраструктурата за интернет комуникација бара многу инвестиции, особено во држави како нашите и има многу малку проекти од овој вид. Втората важна област е локалниот развој во самите општини, и во урбаните и во неурбаните. Во проекти како изградба на училишта, болници, театри, чиста вода, јавен транспорт… Тоа се се многу драгоцени проекти, а тука не смееме да заборавиме дека зборуваме за инвестиции од 100-ици милиони евра, рече Бранко Грегановиќ, извршен директор на „НЛБ банка“.

Како што посочи, секогаш треба да имаме на ум дека мора да имаме одржливост на овие инвестиции не само во однос на заштитата на животната средина туку и во однос на технологијата што се користи. Оние кои работат на овие проекти, порача, мора да бидат свесни за својата одговорност и во оваа смисла.

– Има пари за тоа, дури и повеќе од потребното, но проблемот е во недостигот на проекти и институционалниот капацитет за апсорпција на тие пари. Изненадувачки позитивен пример тука во Северна Макеоднија е што е релативно фискално силна. Кога зборуваме каква вредност ќе вратат инфраструктурните проекти тогаш навистина вреди да се инвестира во нив, порача Грегановиќ.

Генералниот директор на „Македонски телеком“, Никола Љушев, пак, укажа дека дигиталните патишта се важни исто како и физичките со голем придонес економијата.

Според Љушев, за успешно дигитално поврзување покрај приватните инвестици ќе треба да се вклучи и државата.

– Физичките автопатишта се градат со јавни пари, а дигиталните со приватни. Дигиталното поврзување се прави со пари на приватните инвеститори. Инвестициите во широкопојасното поврзување бараат искуство и во изградба и во одржување на мрежата. Нашите инвестиции како што напредуваме во одреден временски период ќе стасаат до границите бидејќи кога ќе се соочиме со проекти што носат загуба едноставно ќе нема инвестиции и тоа неизбежно ќе создаде дигитална поделба помеѓу луѓето кои живеат во урбаните и руралните населени места. Во тој случај во одреден момент Владата ќе треба да се вклучи да даде субвенции за да се постигнат целите на дигиталната агенда за 2030 година, рече Љушев.

На панелот претходно се обрати и министерот за транспорт и врски Благој Бочварски истакнувајќи дека државава преку Националната транспортна стратегија 2018-2030 со реализација на крупни инфраструктурни проекти ја развива патната мрежа како услов за подобро поврзување со соседните земји и развивање на европските коридори.

– Се подготвуваме за изградба на нови 120 километри автопатски делници, активно продолжуваме да ги градиме експресните патишта, а продолжуваме и со изградбата на регионалното железничко поврзување со Бугарија, како дел од нашите стратешки проекти за регионалното поврзување, истакна министерот Бочварски.

Во рамки на Националната транспортна стратегија, тој го потенцираше и проектот за имплементација на Интелигентни транспортни системи долж Коридорот 10 за којшто годинава треба да се објави постапка за избор на изведувач.