Економската слобода овозможува граѓаните да преземат одговорност: Интервју со Роберт Доар

Америка и натаму е одличен пример и лидер, особено за земји како Македонија кои се стремат кон просперитет, вели Роберт Доар, претседател на Американскиот институт за претпријатија


Подобрувањето на пазарната економија во Македонија и промовирањето на работата ќе бидат многу покорисни отколку апстрактните мерки за нееднаквост

 

На претстојниото Самит на Македонија2025 што ќе се одржи наредната недела во Скопје меѓу клучните говорници ќе биде Роберт Доар, претседател на Американскиот институт за претпријатија, еден од најстарите и најпочитуваните истражувачки центри за јавна политика во САД.

„Независен“ ја има привилегијата да ги сподели со македонската јавност видувањата на г. Доар за важноста на слободата на пазарот и на претпријатијата, водењето одговорни политики кои ќе придонесат за добросостојбата на населението, за предизвиците со кои се соочува денес светот, како што беше пандемијата со Ковид, но и енергетската криза, инфлацијата, глобалните закани со руската инвазија врз Украина и што можат мали земји како Македонија да прават за да бидат успешни приказни…

Роберт Доар е реномирано име во САД, кој пред да се приклучи на АЕИ во 2014 година за да ја води програмата за студии за сиромаштија на Институтот, служеше повеќе од 20 години на лидерски позиции во програмите за социјални услуги во државата Њујорк и во градот Њујорк.

Поддржувајќи опсежна работа на АЕИ, научници во разни области, вклучувајќи ја надворешната и одбранбената политика, образованието, реформите на клучните институции, американската економија и студиите за сиромаштијата, г. Доар помогна да се зацврсти позицијата на АЕИ како водечки глас за главните прашања со кои се соочуваат Соединетите Држави.

Самитот на Македонија 2025 годинава се организира по 12-ти пат и на него во фокусот ќе бидат теми како дигиталната трансформација, зајакнување на претприемачките капацитети, иновации во функција на поголема конкурентност… На овој престижен регионален настан кој претставува платформа за споделување знаење, поврзување и поттикнување промени во регионот, ќе присуствуваат повеќе од 40 говорници, врвни експерти во својата област. Самитот ќе се одржи во Скопје на 26 и 27 април годинава и се очекуваат околу 400 учесници.

 

Господине Доар, како накратко би ја опишале работата на Американскиот институт за претпријатија (American Enterprise Institute)? Кон што се насочени главните истражувања и активности и кои предизвици се во фокусот?

Американскиот институт за претпријатија (AEI) е заедница на научници посветени на слободното претпријатие, човечкото достоинство и основачките идеали на Америка. Обезбедуваме ригорозни, независни истражувања кои ги информираат креаторите на политиките во двете големи партии; како во Вашингтон, така и низ целата земја во државните и локалните власти. Овие лидери ни веруваат поради нашата строгост и независност. Ние не заземаме институционални позиции и не лобираме кај избраните функционери, не прифаќаме договори или владини средства кои би можеле да го направат нашето истражување пристрасно. Засновани на нашите заеднички принципи, научниците во AEI самостојно спроведуваат истражувања на политиките согласно нивните индивидуални експертизи и гледишта.

Имаме четири главни истражувачки оддели: економска политика, домашна политика, надворешна и одбранбена политика и последниот, социјални, културни и уставни студии, кои јас ги основав откако станав претседател на AEI во 2019 година. Во изминатите неколку години, AEI беше фокусиран на одбрана на институциите на власта на нашата земја од растечките популистички закани, промовирајќи го американското глобално лидерство над изолационизмот, залагање за фискална одговорност и обезбедување платформа за научници и мислители кои ги предизвикуваат конвенционалните сфаќања за спорните теми.

Последната криза во светот предизвикана од Ковид пандемијата, а подоцна и енергетската криза, како и конфликтот во Украина, влијаеа на благосостојбата на луѓето ширум светот. Од Ваша гледна точка, кои политики се најефективни во заштитата на животниот стандард на граѓаните?

КОВИД беше исклучителна криза за креаторите на политиките и мислам дека сè уште се обидуваме да разбереме кои политички одговори/мерки функционираа најдобро. Едно нешто што мислам дека САД направија добро во помагањето на луѓето беше давање парична помош кога тие не можеа да излезат и да работат; сепак, таа помош стана проблем кога остана активна и кога луѓето можеа да се вратат на работа. Сметам дека, и многу експерти се согласуваат, исклучителната сума на државни трошоци откако економијата почна да се враќа, директно доведе до нашата рекордна инфлација – и директно го намали животниот стандард на Американците. Потоа, руската инвазија на Украина ги влоши работите бидејќи многу земји, прво беа премногу зависни од Русија за енергија; и второ, прифатија политики кои ја намалуваат конкуренцијата, иновациите и растот во нивните енергетски сектори. И двата од овие предизвици се однесуваа на Америка, а уште повеќе на некои големи земји во Европа.

Генерално, јас и моите колеги од AEI ги поддржуваме слободните претпријатија и слободните пазари бидејќи веруваме дека тие овозможуваат човечки развој и просперитет и водат до повисоки животни стандарди. Економската слобода им овозможува на граѓаните да преземат одговорност за сопствениот просперитет, мотивирајќи ги да напредуваат и да го подобрат сопствениот живот. Оваа слобода, исто така, ги отклучува бариерите за конкуренција и иновации за корпорациите и претприемачите. Тоа беше клучно за извонредното издигнување на Америка кон просперитет и многу повисоки животни стандарди за сите наши граѓани.

Светот моментално се соочува со висока инфлација. Како може да се најде рамнотежа меѓу политиките на централните банки, кои имаат за цел да ја забават инфлацијата, а во исто време да се избегне рецесија? Дали е тоа можно?

Јас не сум економист. Можам да укажам на работата на економистите на AEI, вклучувајќи ги Мајкл Р. Стреин, Дезмонд Лахман и Роберт Баро, кои имаат низа идеи за овие проблеми. Постои општа согласност дека Федералните резерви ги држеа каматните стапки премногу ниски и ги подигнаа премногу доцна за да може да ја контролираат инфлацијата и да спречат рецесија во исто време. Другиот проблем во САД беше огромната сума на федерални трошоци што исто така придонесе за инфлацијата.

Инфлацијата сега се смирува, но рецесијата се чини веројатна. Понекогаш не можете да избегнете рецесија, особено кога владината интервенција предизвикала економијата да расте брзо и неодржливо.

Треба да се охрабрат граѓаните, особено академиците студентите, да покажат активен интерес за домашната јавна политика и за глобалните прашања, како заканите од Русија и Кина: Роберт Доар

Како САД, како водечка економија, се справуваат со прашањата на најранливите категории на население? До кој степен политиките што се спроведуваат во Соединетите Американски Држави се применливи во други земји?

Водев програми за социјални услуги во државата Њујорк и градот Њујорк повеќе од 18 години, така што ова е тема што многу добро ја знам.

САД го имаат најголемиот социјален систем во светот кој опфаќа социјални програми на федерално, државно и општинско ниво. Тој систем вклучува здравствена заштита покриена од владата за сиромашните и пензионирани Американци преку „Medicaid“ и „Medicare“. Обезбедуваме директна поддршка на пензионираните и инвалидите преку социјалното осигурување. Има уште многу други програми кои обезбедуваат различни форми на помош, од помош во исхраната до привремени бенефиции за невработените родители. Целиот наш систем добро функционираше во намалувањето на сиромаштијата, но исто така имаше некои негативни последици за вработувањето и семејствата кои сè уште се обидуваме да ги ублажиме.

Политиките во САД не се лесни за примена и решавање на проблемите на другите земји поради нашата уникатна големина и историја. САД имаат многу ресурси што многу други земји ги немаат, а исто така имаме проблеми кои се многу пораспространети отколку во другите земји. Не можам да се сетам на какви било федерални политики што ги усвоивме на големо од други земји.

Имајќи го предвид кажаното, истражувањата покажуваат дека програмите што ги имаме, кои поттикнуваат и наградуваат вработување, се особено важни за да им помогнеме на ранливите категории на луѓе, кои можат да работат, но не работат, да излезат од сиромаштијата.

Од Вашето ограничено познавање на македонската економија (земја со среден приход), кои се Вашите предлози за Северна Македонија, каде поради кризата во последните неколку години е прекинат трендот на намалување на стапката на сиромаштија и каде нееднаквоста мерена со Gini индексот е релативно голема? Во исто време, далеку сме од она што се нарекува функционална пазарна економија.

Не можам да кажам како да се пристапи кон конкретните предизвици на Македонија. Мислам дека е важно да се носат политички одлуки не само од ограничено познавање, туку врз основа на докази и ригорозни истражувања. Исто така, не ми е место, како Американец кој не е експерт за Македонија, да им кажувам на Македонците конкретно како да ја водат својата земја или да се соочат со нивните предизвици. Сепак, мислам дека Македонија треба да ги охрабри своите граѓани, особено нејзините академици и актуелни студенти, да покажат активен интерес за домашната јавна политика и глобалните прашања, како заканите од Русија и Кина.

Мислам дека функционална слободна пазарна економија треба да биде цел за секоја земја која сака да го подобри просперитетот и развојот на своите граѓани. Во Америка и во Европа, политиките за благосостојба кои ја промовираат работата, преку комбинација на барања и поддршка, се покажа дека обезбедуваат најдобар пат за излез од сиромаштијата за поединците кои се борат со неа. Подобрувањето на пазарната економија во Македонија и промовирањето на работата ќе бидат многу покорисни за Македонија отколку апстрактните мерки за нееднаквост.

Кои ќе бидат Вашите пораки на Самитот Македонија2025?

Ќе разговарам со мојот добар пријател и ко-основач на Македонија2025, Мајк Зафировски, за работата што ја правиме во AEI за заживување на американскиот сон и зошто Америка е сè уште одличен пример и лидер, особено за земји како Македонија кои се стремат кон просперитет и човечки развој. Со нетрпение очекувам да одговорам на неговите прашања кога ќе седнеме на дискусија.