„Економист“ на Инстаграм објави „wow“ момент од Крушево


Светски познатиот медиум „Економист“ на официјалниот Инстаграм профил објави фотографија од небото над Крушево, каде се одржува 16-тото Светско првенство во параглајдерство.

„Нашиот wow момент оваа сабота доаѓа од Северна Македонија каде се одржува 16-тото Светско првенство во параглајдерство“, напишаа од „Економист“.

Профилот на „Инстаграм“ на „Економист“ е следен од 3,7 милиони луѓе.

На полетувалиштето во близина на Мечкин Камен, на едно место се собрани 150 параглајдеристи во светот. Некои од нив веќе го посетиле Крушево. За некои, Светското првенство е првото искуство со Македонија.

Ова е најмасовното светско првенство одржано досега. На него се натпреваруваат пилоти од 49 земји во светот.

Директорот на првенството Горан Димишковски, кој е директор на сите светски натпреварувања во овој спорт, раскажува дека повеќе од една деценија напорно работеле, лобирале и финансирале за Крушево и Македонија да ја добие организацијата. Во најтесната конкуренција, успеале да ги победат и Австрија и Шпанија, земји кои имаат долга традиција, па затоа одржувањето на светското првенство во Крушево е од огромно значење за целата земја, вели тој.

Македонската репрезентација е еден од учесниците на првенството. Составена е од тројца пилоти, кои претходните години имаат забележителни резултати на меѓународна сцена..

Небото над Пелагонија се исшара од стотина параглајдери. Пилотите како да си играа со воздушните струи над Крушево, а сето тоа наликуваше на импозантен танц во воздух.. Организаторите очекуваат досега најдобро организирано Светско првенство.

Дека Крушево е веќе на светската мапа на овој спорт покажува и фактот што за две години тука ќе се одржат уште две Светски првенства, во прецизно слетување и змејарство. Светското првенство во параглајдерство ќе трае до 18 август.