Еколошка катастрофа: Десет тони риба затруени во река во Полска


ВАРШАВА – Илјадници мртви риби се пронајдени покрај реката Одра што тече меѓу Полска и Германија, а властите од двете страни на границата предупредуваат на еколошка катастрофа.

Тоа се претвора во политички проблем за полската владејачка партија Право и правда (ПиС), бидејќи опозицијата ја обвинува дека ги игнорирлаа раните сигнали за загадување на реката. Премиерот Матеуш Моравјецки го нарече инцидентот „исклучително скандалозен“, додавајќи: „Оние кои се одговорни за него ќе бидат строго казнети“.

Рибарите почнаа да забележуваат проблеми во близина на Олава, на околу 400 километри од морето, кон крајот на јули. Полската вода, владиното тело задолжено за внатрешните води, соопшти дека покрај реката се пронајдени најмалку 10 тони мртви риби, а дури и полската армија била повикана да помогне во нивното отстранување.

Полската вода соопшти дека првичните тестови откриле токсични материи во реката, а властите во петокот издадоа предупредување за луѓето да не се капат во Одра.

„Најверојатно имаме работа со кривично при што  што во водата била внесена супстанца што предизвикала умирање на рибите и други организми. Ова во моментов се проверува“, изјави заменик-министерот за клима и животна средина Јацек Оздоба на локалното население во четвртокот.

Германскиот радиодифузер RBB во четвртокот објави дека во примероците на вода од Одра биле пронајдени „високи нивоа на жива“.

„Сè уште ги немаме [резултатите] официјално, но тие всушност укажуваат на голема изложеност на жива како фактор“, изјави Грегор Бејер, шеф на администрацијата за животна средина во германската област Меркиш-Одерланд. Полските власти не ги потврдија германските извештаи. Во четвртокот, Министерството за животна средина на германската покраина Бранденбург ја обвини Полска дека го прикрива проблемот.

„Мора да се каже дека синџирите за известување меѓу полската и германската страна не функционираа во овој случај. Извештајот на полските власти сè уште се чека. Затоа ги контактиравме полските власти и баравме веднаш појаснување“, рече министерот за животна средина на Бранденбург. 

Не е само Бранденбург  лут. Полските екологисти ја обвинуваат владата дека се обидува да го игнорира ова прашање.

„Владата е во хаос“, рече Малгоржата Трач, пратеник од полските Зелени, осудувајќи го недостатокот на заштитна опрема за рибарите кои ги отстрануваат мртвите риби од реката и мешаните пораки од владата. Заменик-министерот за инфраструктура Гжегож Витковски во четвртокот сепак рече дека нема да има проблем да се капе во реката. Витковски беше извикан од гневните локални жители прашувајќи: „Што зборуваш? Каде е владата? Заминавте на одмор?” Другите опозициски партии, исто така, ја прекоруваат владата, а прашањето може да покрене  политичка одговорност пред парламентарните избори следната година.

„Ова е еден од најголемите еколошки скандали во последните години. Сите ние сме како оние риби во Одра“, изјави Доналд Туск, шеф на Граѓанската платформа, најголемата опозициска партија, на состанокот со гласачите во петокот. (Политико)