Екочас во ОУ „Лазо Ангеловски“ во рамки на акцијата „Генералка викенд“


Ученици во ОУ „Лазо Ангеловски“ во Ново Лисиче денеска имаа екочас во рамки на големата национална кампања „Генералка викенд“, чија цел е подигање на свеста за значењето на заштитата на животната средина.

Во екоакцијата, поддржана од Општина Аеродром, со практични активности и разновидни игри и експерименти тие покажаа како може да се искористат природните ресурси во секојдневието, како да се селектира отпадот, да се изработат уметнички дела од отпад за рециклирање, како што неодамна ги направиле и првоаприлските маски, упатувајќи  пораки за важноста од чување на планетата Земја. 

Нивните изработки ги разгледаа претставничката на УНИЦЕФ, Лесли Милер, директорката на Бирото за развој на образование (БРО), Милка Тримчевска, и градоначалникот на Аеродром, Дејан Митески.

Претставничката на УНИЦЕФ, Милер, рече дека и е задоволство што имала можност да види интересни експерименти на учениците во рамки на големата акција „Генералка викенд“ во која, рече, се вклучени над 25 илјади ученици низ целата држава.

-Овие практични експерименти поврзани со науката и со природата сметаме дека се најдобриот начин на кој учениците можат да научат како да се заштити животната средина, а преку нив може да се увиди и како луѓето, всушност, влијаат на загадувањето на животната средина. УНИЦЕФ со задоволство работи на овој проект кој е поддржан од Шведска, но, исто така, и во соработка со Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието, со цел да се интегрира еколошкото учење во наставните програми низ сите одделенија, изјави Лесли Милер. 

Градоначалникот на Аеродром, Митески, посочи дека со денешната еко-акција се обиделе „на малку поинаков начин преку експерименти и различни игри“ да покажат како луѓето самите можат да влијаат за подобрување на животната средина.

-Како општина остануваме посветени на развој на образованието во насока на зачувување на животната средина и за таа цел реализираме многу проекти заедно со основните училишта и со градинките, рече Митески. 

Директорката на БРО, Тримчевска, посочи дека Бирото има изработено прирачници заедно со УНИЦЕФ и Амбасадата на Шведска и видеоматеријали кои денеска беа прикажани. 

-Заштитата на животната средина е од клучно значење и е предуслов за младите генерации да се развијат во граѓани коишто имаат развиена еколошка свест и оваа иницијатива дефинитивно придонесува кон таа цел – децата и, воопшто граѓаните, да станат еколошки одговорни, истакна Тримчевска. 

Грозданка Крстевска, одделенски наставник и една од менторите за денешните активности, изјави дека ОУ „Лазо Ангеловски“ во соработка со Општина Аеродром постојано презема активности од екологијата и заштитата на животната средина.

Според неа, децата се доволно еколошки свесни зашто во сите активности давале идеи  и се мотивирани од нивните наставници, имале желба да учествуваат во активностите и понекогаш, рече, имаат предлози самите да реализираат некои проекти. 

-Низ овие активности покажавме на колку различни начини учениците може да научат нешто повеќе за животната средина и како таа да се зачувува и заштити од разни загадувачи што секој ден сѐ повеќе се појавуваат. Со овие активности влијаеме не само врз учениците, туку и пошироко во населбата, во градот, па и во државата – за развивање на свесноста  колку ние самите сме одговорни за нашата животна средина, рече Крстевска.