„Еко свест“ бара нов нов Закон за природата
„Еко свест“ упати писмо до министерот за животна средина Муамет Хоџа во кое алармира за состојбата со приридата во Македонија и бара донесување на нов закон. Еве го писмото:
„Ви се обраќаме како заедничка иницијатива на граѓански организации од Македонија, со барање за иницирање постапка за измени и дополнувања на Законот за заштита на природата, односно донесување нов Закон за природата.
Проблемот со неефикасните механизми за заштита на природата за жал е веќе востановена пракса која е неопходно да се промени во најскоро време. Притисокот од инфраструктурните и другите развојни проекти врз природните предели и вредности е огромен, а сепак прашањето за заштитата на природата досега не било третирано како приоритет во нашата држава. Напротив, природата секогаш била предмет на уништување на сметка на профитот и инвестициите.
Сведоци сме дека граѓаните сѐѐ почесто се принудени самостојно да се обидуваат да спречат штетни проекти во нивната средина, бидејќи постојните механизми на актуелниот закон не успеваат навремено да ги идентификуваат или спречат штетите врз природата. На ова значително придонесуваат несоодветните законски решенија, кои не нудат суштинска имплементација и функционална заштита на терен.
Дополнително, голем број законски и подзаконски одредби во доменот на заштитата на животната средина се во судир поради дисперзираноста на институтциите надлежни да постапуваат во оваа област. Ваквата ситуација претставува предизвик кој овозможува неконзистентна примена на правните норми во однос на заштита на природата и нивниот ефект е спротивен на духот и целта поради кои се донесени.
Иако измени на Законот за заштита на природата беа направени уште во 2018 година, тие никогаш не беа усвоени. Во меѓувреме, во европското законодавство се усвоија нови директиви и се променија практиките на управување со ресурсите кои се директно поврзани со Законот за заштита на природата. Следствено на тоа, неопходно е донесување на нов Закон за природата, кој согласно европските практики ќе претставува конзистентен систем на процедури, решенија и мерки кои несомнено ќе ги подобрат затекнатите услови во областа на заштита на природата.
Како клучен чекор за вистинска заштита на природата, новиот Закон за природа е приоритет поради мноштво причини:
●Неопходноста за заштита на реките и езерата, планините и шумите, растенијата и животните.
●Нашата природа е светско наследство – нејзината заштита е одговорност кон нас и кон помладите и земјата
●Секое одложување на новиот закон за природа придонесува кон уназадување на природата, која веќе е во загрозувачка состојба.
Природата во Македонија се соочува со системски предизвици кои директно ја загрозуваат биолошката разновидност и опстанокот на нашите највредни природни подрачја. Без итна и сеопфатна реформа, ќе продолжи деградацијата и трајното губење на природните ресурси од кои зависиме сите ние. Секое натамошно одложување на донесувањето на новиот Закон за природата значи директно уназадување на природата во нашата земја.
Клучни проблеми кои ја поткопуваат заштитата на природата се:
1. Застарена и неефикасна законска рамка- Постојниот Закон за заштита на природата е застарен, нефункционален и не обезбедува соодветна, долгорочна заштита и управување со нашите природни богатства. Недостасуваат јасни забрани: Нема конкретно наведени забранети активности и забрана за изградба на инфраструктурни проекти во заштитените подрачја, оставајќи ги ранливи на штетни интервенции и развој на инфраструктурни проекти.
2. Институционална слабост и недостиг на стручност
– Политизација на управувањето: Директорите на националните паркови се политички функции, а не стручни кадри, што го поткопува професионалното управување.
-Недостиг на експертиза: Во институциите за заштита на природата и управувачките структури на заштитените подрачја нема доволно стручни кадри (биолози, еколози, хидролози и др.).
-Непостоење на стручно тело: Во Македонија недостасува научно тело – Завод за заштита на природата – кое би вршело оценка, следење и институционална координација.
-Слаба инспекција и надзор: Недостасуваат инспектори за спроведување инспекциски надзор врз природата, а царинските и полициските службеници се недоволно подготвени. Ренџерските служби во заштитените подрачја немаат соодветни овластувања и не постои добра меѓусекторска соработка.
3. Хроничен недостиг на финансирање и неактивно управување
-Несоодветни капацитети на управителите: Управителите на заштитени подрачја немаат соодветни капацитети и ресурси да обезбедат ефикасна заштита, што резултира со губење на најголемите природни вредности поради нивно искористување за економски цели.
-Нема системско финансирање: Заштитените подрачја немаат системско финансирање од државниот буџет.
-Незаштитени подрачја и неактивно управување: Подрачја кои треба да бидат заштитени според закон, не се прогласуваат, а прогласените подрачја не се активно заштитени поради непостоење на Планови за управување и соодветен кадар.
4. Биолошката разновидност како низок приоритет-
-Биолошката разновидност нема висок степен на заштита и сè уште не е приоритет во државните политики.
-Недостаток на податоци: Недостасуваат студии за причините за загуба на биолошката разновидност, и веродостојни, систематизирани и отворени податоци за дивиот свет.
-Загрозени клучни видови: Значајните видови како мечката, рисот и волкот немаат соодветна заштита преку национални акциски планови.
-Штетни секторски политики: Политиките за користење на минерални и рударски суровини, хидроенергија, енергија од ветер, патна инфраструктура и слично, директно штетат на природата, и ова претставува проблем кој се влошува дополнително кога нема соодветна консултација со експертите и јавноста.
РЕШЕНИЈА И БАРАЊА ЗА ТРАНСФОРМАЦИЈА
Бараме итна акција од страна на Владата и Министерството за животна средина и просторно планирање за следните мерки:
1. Итно донесување на нов Закон за природа
Потребно е да се донесе нов, современ Закон за природа кој ќе одговори на тековните потреби и долгорочно ќе обезбеди заштита. Бараме Министерството за животна средина и просторно планирање итно да изработи нов текст на Законот за природа.
2. Забрана за деструктивни активности во заштитените подрачја
Со новиот Закон за природа да се предвидат забранети активности за секоја категорија заштитено подрачје. Новиот Закон за природа мора да воведе членови со кои ќе се забранат геолошки истражувања, експлоатација на минерални суровини и изградба на хидроелектрани во заштитените подрачја.
3. Воспоставување на стручно, независно тело
Итно воспоставување на стручно тело – Завод за заштита на природа.
Новиот Закон за природа треба да обезбеди воспоставување на Завод за природа со соодветни овластувања за координирање, следење и мониторинг на природата и работата на заштитените подрачја.
4. Професионализација на управувањето
Директорите на националните паркови мора да поседуваат соодветна стручност. Управувачката структура на заштитените подрачја мора да вработи биолози, еколози, хидролози и други стручни кадри за сеопфатен мониторинг.
Новиот Закон за природа мора да содржи јасни критериуми за стручноста на Директорот и кадрите во заштитените подрачја. Исто така, треба да се обезбедат соодветни овластувања за ренџерските служби и зголемување на кадрите за инспекција.
5. Драстично зголемување на финансирањето и користење на еколошки такси
Програмата за природа на Министерството за животна средина и просторно планирање треба да обезбеди системски средства за поддршка на управителите, донесување Планови за управување и вработување стручни кадри.
Потребно е значително зголемување на буџетот за Програмата за природа од државата. Сите еколошки такси треба да се собираат на наменска сметка и дел од овие средства да се насочат
6. Заштита на биодиверзитетот и усогласување на политиките
Да се воспостави функционален Национален информативен систем за природа со редовно ажурирани податоци. Да се усвојат национални акциски планови за значајните видови како мечката, рисот и волкот, како и на сите други значајни и ендемични видови.
Природата мора да биде државен приоритет, и сите други политики (рударство, енергетика, инфраструктура) мора да се усогласат со целите на заштитата на природата. Потребно е забрзано комплетирање и усвојување на акциските планови за заштита на мечката и рисот, и започнување на нова иницијатива за заштита на волкот. Новиот Закон за природа мора да гарантира достапност на податоците од Националниот информативен систем и средства за нивно редовно ажурирање.
Имајќи го сето горенаведено предвид, ние, долупотпишаните организации бараме од Министерството за животна средина и просторно планирање итно да изработи нов текст на Законот за природа. Стоиме на располагање за сите консултации, совети и дискусии во текот на оваа постапка“, стои во отвореното писмо до министерот Хоџа.