Екипите на ЈП „Паркови и зеленило“ го расчистуваат градот од паднати дрвја и гранки

Екипите на ЈП „Паркови и зеленило“ по попладневното невреме кое го зафати Скопје веднаш излегоа на терен заради расчистување на паднати гранки и дрвја и овозможување на нормално функционирање на градот.
Досега се пријавени над 40 локации на кои е побарана наша интервенција но од час во час стигнуваат и нови пријави. Се случува на една локација да има паднати повеќе дрвја и гранки така што бројот на потребни интервенции е многу поголем.
„Екипите моментално работат на неколку места, а веќе завршија со интервенции на повеќе локации. Заради поголема ефикасност организирани сме во четири екипи, од кои секоја екипа работи во одредени делови од градот. Освен секторот Дрвореди во активностите на расчистување на градот се приклучија и работниците од секторите Вонградско зеленило и Градско зеленило“, велат од ЈП.
На некои места каде е опасно да се делува ноќе и има потреба да се исклучи струјата, ќе се интервенира во текот на утрешниот ден, додека пак онаму каде што постојат услови за работа ќе продолжиме со расчистувањето и во текот на вечерните и ноќните часови. Со активностите ќе продолжиме и во наредните денови се до целосно расчистување на последиците од невремето, посочија во соопштение од ЈП „Паркови и зеленило“.