Екипи на Општина Кисела Вода расчистуваа „мини депонии“


Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски сподели дека нивните екипи од Секторот за местни заедници изминативе денови интензивно работеле на расчистување на мини депониите кои беа создадени на територијата на општина Кисела Вода, од страна на несовесни граѓани.

Генерално, како што соопшти, се работело за кабаст отпад и шут.

Правилното складирање и управување со отпадот е од клучно значење за зачувување на животната средина и здравјето на граѓаните. Несоодветното одложување на кабастиот отпад доведува до загадување и создавање на диви депонии, кои дополнително го загрозуваат квалитетот на воздухот, почвата и водите.

„Сакам да апелирам до сите граѓани доколку имаат потреба од одлагање на кабаст отпад, истото да го направат во соработка со нашите служби, односно да го контактираат Секторот за местни заедници, со што ќе спречиме дополнително создавање на мини депонии и загадување на животната средина, што пак е казниво со Закон. Како општина, неколку пати во текот на годината спроведуваме акции за бесплатно одлагање на кабастиот отпад и за сите следни активности, граѓаните ќе бидат навремено информирани. Последната акција за бесплатно собирање на кабаст отпад, ЗАВРШИ во месец април, порача Ѓорѓиевски во својата објава.

Тој исто така истакна дека само со заеднички напори и соработка може да општината да се зачува уредна и еколошки одговорна.