ЕК забележува за извршувањето на капиталните расходи, неформалната економија, ниската продуктивност…  


И покрај преземените дополнителни мерки за подобрување на фискалната транспарентност, допрва треба да се развие целосно оперативен регистар на државна помош, се вели во Извештајот на ЕК во делот за исполнување на економските критериуми

 

Умерен или одреден прогрес е генералната оцена за исполнување на економските критериуми во најновиот Извештај на Европската комисија за напредокот нашата земја.

„Во однос на економските критериуми, Северна Македонија постигна одреден напредок и е на добро ниво на подготовка во развојот на функционална пазарна економија“, стои во резимето на Извештајот при што Европската комисија оценува дека економијата беше тешко погодена од пандемијата, поради што падна во рецесија во 2020 година.

„Постепено закрепнување започна од пролетта 2021 година. Владата спроведе силен фискален одговор за да го ублажи влијанието на кризата врз домаќинствата и фирмите. Фискалниот дефицит се зголеми на 8,2 отсто од БДП во 2020 година, додека нивото на јавниот долг нагло се зголеми на 60,2  отсто од БДП, бидејќи требаше да се покријат дополнителни финансиски потреби“, се вели во Извештајот.

Притоа, ЕК забележува дека капиталните расходи беа намалени при ревизија на буџетот за да се создаде простор за трансфери поврзани со кризи, но сепак и такви, беа недоволно извршени.

Во извештајот исто така се забележува дека и покрај преземените дополнителни мерки за подобрување на фискалната транспарентност, допрва треба да се развие целосно оперативен регистар на државна помош.

„Постигнат е мал напредок во подобрувањето на мобилизацијата и наплатата на приходите, како и управувањето со јавните инвестиции, вклучително и преку посилна рамка за јавно-приватно партнерство“, стои во Извештајот. ЕК очекува со новиот закон за буџет значително да се подобри фискалното управување, но законот допрва треба да биде усвоен од Парламентот, а неговото спроведување е одложено. Регулаторните олеснувања придонесоа финансискиот сектор да остане силен, а кредитирањето на приватниот сектор константно.

Една од поголемите забелешки се однесува на големата неформална економија која продолжува да го попречува деловното опкружување.

„Северна Македонија постигна одреден напредок во адресирањето на препораките од минатата година и е умерено подготвена да се справи со конкурентскиот притисок и пазарните сили во Унијата. Интеграцијата со ЕУ во трговијата и инвестициите остана вкоренета и за време на пандемијата“, се наведува во Извештајот при што се додава дека трговијата и производството беа погодени од заклучувањата и прекините во синџирите на снабдување, како домашните, така и во земјите трговски партнери.

Исто така, се наведува дека структурата на индустријата континуирано се подобрува, но се посочува проблемот со ниската продуктивност.

„Влошувањето на продуктивноста на трудот и конкурентноста на цените во 2020 година во голем степен го одразува економското влијание на пандемијата и владините мерки за задржување на работните места“, се вели во Извештајот.

Како што се додава, наставните планови за стручно образование се подобрени, но недостатоците на вештини, кои се одраз на недостатоците во наставните образовни програми, како и празнините во капиталните инвестиции и недоволната интеграција на домашните фирми во глобалните синџири на снабдување го ограничуваат потенцијалниот раст.

„Што се однесува до способноста да ги преземе обврските за членство, Северна Македонија е умерено подготвена во повеќето области опфатени со Кластерот 2 на внатрешниот пазар, како слободното движење на стоки, услуги и капитал, интелектуална сопственост и политика за конкуренција. Во меѓувреме, земјата има добро ниво на подготовка за корпоративното законодавство, иако се уште е во рана фаза слободата на движење на работниците“, се вели во извештајот.

Од ЕК посочуваат дека во извештајниот период, нашата земја постигна „ограничен или никаков напредок“ во сите области, освен во слободното движење на капиталот, правото на компаниите и интелектуалната сопственост каде што постигнала „одреден напредок“.

„Генерално, потребен е поголем напредок во наредната година во областите опфатени со овој кластер, бидејќи е релевантен за подготовките на Северна Македонија да ги исполнат барањата на внатрешниот пазар на ЕУ и за развојот на Заедничкиот регионален пазар“, препорачува ЕК во Извештајот.

Умерено подготвена и оцената за повеќето области опфатени со Кластерот 3 за конкурентност и инклузивен раст, вклучително и во информатичкото општество и медиумите, оданочувањето, претпријатијата и индустриската политика, образованието и културата и економската и монетарната политика.

„Потребни се дополнителни напори за да се донесат овие области до повисок степен на подготвеност. Има добро ниво на подготовка во областите на науката и истражувањето и царинската унија. Постигнат е одреден напредок во повеќето од овие области. Потребни се повеќе напори, особено во областите каде што е постигнат ограничен напредок, како што се информатичкото општество и медиумите, науката и истражувањето, како и образованието и културата“, се вели во извештајот.

Во однос на Зелената агенда и одржливо поврзување, (Кластер 4) се вели дека нашата земја има добро ниво на подготовка во трансевропските мрежи. Умерено е подготвена за транспортната политика и енергија и како одредено ниво на подготовка за животната средина и климатските промени.

„Северна Македонија активно учествува на состаноците на Транспортната заедница и Енергетската заедница. Има високо ниво на усогласеност со Договорот за енергетска заедница, особено за електрична енергија“, се вели во Извештајот.

Како и целиот Западен Балкан, Северна Македонија ја поддржа Зелената агенда за Западен Балкан на Самитот во Софија во декември 2020 година. Оваа година, беше постигнат одреден напредок во енергетскиот сектор, особено со напредокот постигнат кон усвојување на Националниот план за енергија и клима. Меѓутоа, постигнат е ограничен напредок во транспортот, животната средина и климатските промени.

„Земјата треба суштински да ја засили својата амбиција за правилно спроведување на acquis од поглавјата 14 и 27. Овие напори ќе ја зголемат ефикасноста на Економскиот и инвестицискиот план и ќе ја забрзаат имплементацијата на Зелената агенда за Западен Балкан“, посочуваат од ЕК при што додаваат дека е неопходно да зајакнат административните капацитети во сите сектори. Покрај тоа, стратегиите, акционите планови и законодавството во овие сектори треба да бидат кохерентни со принципите и приоритетите на Зелената агенда и да обезбедат конзистентност помеѓу релевантните секторски документи.

„Умерено подготвена“ е и оцената за повеќето области од Кластерот 5 за ресурси, земјоделство и кохезија. Добро ниво на подготовка има во областа на безбедноста на храната, ветеринарната и фитосанитарната политика и е во рана фаза на подготовка во финансиски и буџетски одредби.

„Во текот на периодот на известување, постигнат е добар напредок во безбедноста на храната, ветеринарната и фитосанитарната политика и одреден напредок е постигнат во земјоделството и руралниот развој. Меѓутоа, потребни се дополнителни напори, особено во области каде што се ограничени или нема напредок како што се рибарството, регионалната политика и координацијата на структурните инструменти, како и финансиските и буџетските одредби“, се вели во Извештајот на ЕК.

Исто така се додава дека во однос на Кластерот 6 за надворешни односи е постигнат одреден напредок, како и дека во својата заедничка комерцијална политика, Северна Македонија ги продолжи напорите да ги координира своите позиции и тесно да ги усогласи своите комерцијални политики со оние на ЕУ, вклучително и во рамките на СТО. (М.Ј.)