ЕК: Судскиот совет да ја зголеми транспарентноста во процесот на одлучување


Фото: Б. Грданоски

Генерално, нема напредок во зајакнувањето на независноста на судството и подобрување на правната рамка за заштита на основните права, оценува Европската комисија во Извештајот за 2023 година. Политичките актери, се вели во Извештајот, треба да се воздржат од јавно коментирање на судските постапки, додека Судскиот совет да ја зголеми транспарентноста во процесот на одлучување, а Советот на јавни обвинители да обезбеди образложение за своите одлуки.

Во делот на независност и непристрасност, ЕК оценува дека Судскиот совет и Советот на ЈО, треба да дејствуваат решително за да ја промовираат и заштитат независноста, интегритетот и професионалноста на судиите и обвинителите. 

– Потребни се дополнителни напори за да се зголеми транспарентноста и да се спречи секој обид за несоодветно влијание или заплашување, се вели во Извештајот на ЕК. 

ЕК, посочува дека останува клучно да се забрза имплементацијата на стратегиите за човечки ресурси за судовите и јавните обвинителства и однапред да се планираат потребите за персонал, како и дека за да регрутира дополнителен ИТ кадар, судството ќе треба да понуди услови за работа споредливи со оние во приватниот сектор.

Изборот на нов шеф на Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција од ноември 2022 година, кој согласно реформите за прв пат се избираше на директни избори од самите јавни обвинители, ЕК нотира дека не помогнал за враќање на довербата на јавноста во процесот.  

Во делот за функционирањето на судството, се оценува дека во извештајниот период нема напредок во областа на судството и дека судскиот систем на Северна Македонија е помеѓу одредено и умерено ниво на подготвеност. 

Од стратешките документи за функционирањето на судството, ЕК во Извештајот посочува дека процесот за носење на новата стратегија за реформи во судството 2023-2027, што започна во септември 2022 година е одложена, и дека е постигнат ограничен напредок во спроведувањето на стратегиите за менаџирање со човечки ресурси во судовите и јавните обвинителства.

ЕК во Извештајот нагласува дека постои сериозна загриженост за несоодветно надворешно влијание врз работата на Судскиот совет и судството, укажувајќи дека треба да се зголеми транспарентноста во процесот на одлучување во Судскиот совет.

Извештајот, исто така, ги нотира и случувањата со оставката на Павлина Црвенковска, разрешувањето на Весна Дамева и изборот на претседателот на Судскиот совет Сашко Георгиев. 

– Во ноември 2022 година, претседателот на Судскиот совет поднесе оставка во знак на протест против наводните обиди за несоодветно влијание од судството и бизнис заедницата. Новиот претседател, кој ја презеде функцијата во декември 2022 година, беше разрешен во април 2023 година преку контроверзна процедура, покренувајќи прашања за почитување на законите и процедурите. Граѓанските организации и правниците го осудија овој чекор без преседан и ги повикаа сите членови на Советот да поднесат оставки, се нагласува во Извештајот.

Европската комисија, нотира дека Дамева продолжи да ја извршува функцијата член на Советот и дека во мај поднесе тужба до Управниот суд со која ја оспорува законитоста на нејзиното деградирање и кривична пријава до Основното јавно обвинителство Скопје против некои нејзини колеги од Судскиот совет за злоупотреба на службената должност и овластување.

Извештајот, исто така, ги нотира оставките на двајца членови на Судскиот совет, судии избрани од нивните колеги, Мирјана Радевска-Стефкова и Зоран Герасимоски во јуни 2023 година. 

-Едната објасни дека поднесува оставка поради незаконското и нетранспарентно деградирање на поранешниот претседател и несогласување со некои ставови на Советот. Другиот најави дека ќе придонесе подобро ако биде судија. Во јули, судиите избраа двајца нови членови, од кои едниот, судија на Врховниот суд, поднесе оставка набргу потоа, повикувајќи се на лични причини, се вели во Извештајот. 

Анализата за ризиците од корупција во правосудството на Мисијата на ОБСЕ во Скопје и Државната комисија за спречување на корупцијата, изработена во соработка со Здружението на судии и Здружението на јавни обвинители, исто така, се најде во Извештајот на ЕК.

– Обидите на новиот претседател да го ограничи присуството на камери на седниците на Советот престанаа по интервенциите на неколку граѓански организации и Судскиот совет за медиуми. Според Проценката на ризикот од корупција на судството, објавена во јуни 2023 година, 72 отсто од интервјуираните судии или целосно не се согласуваат (27 отсто) или делумно не се согласуваат (45 отсто) дека Судскиот совет ефикасно ја заштитува судската независност. Само 26 отсто се согласуваат, се вели во извештајот.

Ефикасноста на судството ЕК, оценува дека била под влијание на доцнењето на Судскиот совет при изборот на нови судии и ограничениот напредок во спроведувањето на стратегијата за човечки ресурси во судовите. 

Во однос на Советот на јавните обвинители, ЕК во Извештајот, оценува дека медиумите имаат редовен пристап до Советот, но ограничениот физички простор на седниците на Советот е ограничување и дека Советот треба да обезбеди образложение за своите одлуки.

Изборот на нов шеф на Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција од ноември 2022 година, кој согласно реформите за прв пат се избираше на директни избори од самите јавни обвинители, ЕК нотира дека не помогнал за враќање на довербата на јавноста во процесот.  

– Изборите не помогнаа да се изгради довербата на јавноста во транспарентноста на процесот, имајќи предвид дека на почетокот не беа поставени критериуми за квалификување и беше покрената сериозна загриженост за можно надворешно влијание во процесот, стои во Извештајот. 

Распределбата на буџетот за Советот на ЈО се зголеми, но тој и понатаму е со недоволно персонал и нема ИТ ресурси за ефикасно да ги извршува своите задачи.

ЕК, посочува дека имплементацијата на Декларацијата за отворено судство, потпишана во март 2022 година од 12 различни судски институции, граѓански организации и професионални здруженија, предводени од Врховниот суд, помогна да се подобри транспарентноста во судството, како и работата на Судско-медиумскиот совет, кој усвои двегодишен работен план кој се фокусира на подготовка на комуникациска стратегија и спроведе обука за комуникациски вештини за 40 судии и портпароли на судовите.

Во Извештајот, се укажува дека се потребни веродостојни статистички податоци за работата на судството и обвинителството, во согласност со препораките и методологијата на Европската комисија за ефикасност на правдата, посочувајќи дека Комисијата за надзор над функционалноста на автоматизираниот информациски систем за управување со судски предмети – АКМИС изврши 9 од вкупно 19 надзори планирани за 2022 година, додека системот за електронска распределба на предметите во Јавното обвинителство профункционира во јануари 2023 година.

Во делот на одговорност, ЕК во Извештајот наведува дека според анкетите, довербата на јавноста во судството паднала на најниско ниво досега (околу 8 отсто).

Во 2022 година, ЕК посочува дека до Судскиот совет пристигнале 72 барања за утврдување одговорност на 144 судии или претседатели на судови, при што разреши пет судии, изречени се писмени опомени на двајца судии и казни претседател на суд и еден судија. Советот на ЈО разрешил еден обвинител и на нивно барање го прекинал мандатот на две обвинителки против кои поведе дисциплинска постапка. 

До советодавното тело за судска етика при Здружението на судии не пристигнале нови барања за мислење. Државната комисија за спречување на корупцијата во 2022 година издала 11 прекршочни платни налози против шест судии, тројца претседатели на судови и двајца обвинители затоа што не поднеле анкетни листови или извештаи за промена на имотната состојба и интересите.

Во делот на професионализам и компетентност, ЕК оценува дека изборите за повисоките судови во Судскиот совет дополнително беа одложени поради некои обиди за мешање во процесот на назначување судии и поради недостостиг на акредитирана компанија за вршење психолошки тестови и тестови за интегритет за кандидатите за судии.

ЕК оценува дека Врховниот суд и четирите Апелациони судови придонеле за доследност на пресудите и усогласени судски практики.

– Тие се фокусираа на разгледување на случаи од висок профил и случаи од јавен интерес. Врховниот суд, по иницијатива на својот претседател, донесе начелен став дека сите судови треба да ги објавуваат своите одлуки, без разлика дали се конечни или не, на нивните веб-страници. Судот донесе начелен став и за директна примена на Уставот и на Европската конвенција за човекови права во жалбените постапки против одлуките на Судскиот совет за разрешување на судии или претседатели на судови. Врховниот суд донесе и објави 17 дополнителни начелни правни мислења, ставови и заклучоци, се вели во Извештајот на ЕК.

ЕК, исто така, оценува дека не биле направени напори да се адресираат препораките на Венецијанската комисија за преиспитување на одредбите од Законот за употреба на јазиците поврзани со двојазичноста во судските постапки.

Одлуката на Уставниот суд за поништување на два члена од Законот за плати и надоместоци на избраните и именуваните лица резултираше со зголемување на платите на судиите и обвинителите.

ЕК, оценува дека новиот Закон за Академија за судии и јавни обвинители, усвоен во јуни 2023 година, ја задржа Академијата како единствена влезна точка за судството и обвинителството и ја послуша препораката на Европската комисија да не се скратува почетната обука.

– Академијата ја продолжи својата активна соработка со Европската мрежа за обука на судии и Академијата за европско право. Вкупниот буџет за обуки во 2022 година изнесува 1,74 милиони евра, што е за 46,3 отсто зголемување во споредба со претходната година, стои во Извештајот.

На крајот на 2022 година имало 409 судии, (22,3 на 100 000 жители) од кои 61,3 проценти биле жени и 157 обвинители (8,5 на 100 000 жители), од кои 55 проценти биле жени. За споредба, бројот на судии е во рамки на европскиот просек (22,2 судии на 100 илјади жители), додека бројот на обвинители е значително под европскиот процес (18,8 обвинители на 100 илјади жители).