ЕК се обидува да ги намали стравувањата на синдикатите од нејзината „пробизинс агенда“
![](https://nezavisen.mk/wp-content/uploads/2021/03/evropska-komisija.jpg)
Еврокомесарот за економија Валдис Домбровскис ветил дека Европската комисија ќе одржува редовни консултации со претставниците на европските синдикати со цел да ги намали нивните стравувањата дека новите мерки на Брисел за поттикнување на економскиот раст на ЕУ одат во интерес на бизнисот, а на штета на работничките права.
Според генералната секретарка на Европската конфедерација на синдикатите (ЕТУЦ), Естер Линч, на средба со претставници на ЕТУЦ, Домбровскис се согласил да одржува периодични средби со претставници на работниците на кои ќе се разменуваат мислења и ќе се дискутира за клучните иницијативи на ЕК.
Таа оцени дека ваквата заложба може да помогне да се намали загриженоста дека мерките на Комисијата ќе резултираат со намамување и ограничување на правата на работниците.
– Она што го сфатив од разговорот е дека (Домбровскис) се обврза да обезбеди вистинска можност и работниците да дадат свое мислење на предлозите и дека нема да ги слуша само извршните директори, рече Линч, во чија организација членуваат околу 45 милиони работници од цела ЕУ.
Линч изјави дека е „охрабрена“ од признанието на Домбровскис оти има разлика во она што би го слушнал од еден извршен директор и од еден работник.
Сепак, според неа, ваквите консултациите не можат да бидат „еднократни“ или само да служат да се слушне мислењето.
– ЕТУЦ ќе бара да ги добие деталите за тоа како точно во пракса ќе се спроведе обврската што ја презеде (Домбровскис) дека ќе ги слуша работниците, додаде Линч.
Кабинетот на Домбровскис одби да ги коментира изјавите на Линч.
Изминатава недела Домбровскис и други членови на Еврокомисијата имаа средби со претставници на бизнис секторот, невладини организации и синдикати од ЕУ, со цел да разговараат за деталите од пакетот мерки за „поедноставување“, кој се очекува да биде објавен на крајот на овој месец. Пакетот, според најавите, ќе предвидува намалување на административните процедури и обврски за компаниите во повеќе сектори.
ЕТУЦ веќе искажа негативен став за Компасот за конкурентност, што Европската комисија го промовираше минатата недела, стравувајќи дека тој би можел да ги поткопа правата на работниците во ЕУ.