ЕК одобри околу 788 милиони евра за Грција во рамките на механизмот САФЕ за зајакнување на одбраната


Атина – Износ што достигнува до 788 милиони евра се очекува да добие Грција од механизмот САФЕ, новиот финансиски инструмент на Европската Унија за обезбедување заеми за олеснување на зајакнувањето на европските одбранбени трошоци, пишува грчкиот весник „Катимерини“ и додава дека ЕК вчера ја одобри привремената финансиска помош за земјите-членки, јави дописничката на МИА од Атина.

На крајот на јули годинава грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис соопшти дека Грција, во рамките на програмата „ReARM Europe“, ќе учествува во новиот финансиски механизам САФЕ (SAFE) на ЕУ со официјално поднесено барање „за ниски каматни заеми во висина од најмалку 1,2 милијарди евра за зајакнување на националната одбрана и грчката одбранбена индустрија“.

Според „Катимерини“, Атина најверојатно заемот со ниска камата преку ЕУ ќе го искористи или за системи за воздушна одбрана или за копнени единици на војската, а целта е паралелно „да ја зајакне и грчката одбранбена индустрија“.

За износот што ќе го добие Грција, комесарот за одбрана Андриус Кубилиус за весникот појаснил дека не е конечен, бидејќи ЕК во октомври на Европскиот совет ќе го презентира „патоказот“ со следните чекори, а земјите-членки имаат рок до ноември да ги изготват своите национални инвестициски планови, опишувајќи ја во исто време и финансиската помош што ќе им биде потребна од ЕУ.

Потоа, како што пишува „Катимерини“, Комисијата ќе ги процени овие национални планови со цел првите исплати да се остварат во првиот квартал од 2026 година.

Интерес за учество во програмата изразиле вкупно 19 земји-членки на ЕУ.

Финансискиот инструмент Безбедносна акција за Европа (САФЕ), вреден 150 милијарди евра, предвидува поддршка на инвестиции во одбранбеното производство и заеднички набавки за потребите на одбраната на членките на Унијата и на државите партнери, а исплатата на средствата во рамките на САФЕ ќе се врши во форма на долгорочни кредити под поволни услови наменети за конкретни проекти.