ЕК одобри 33,7 милиони евра помош за кипарските Турци


Брисел – Европската комисија усвои Програма за помош на заедницата на кипарските Турци за 2025 година во износ од 33,7 милиони евра, наменети за поддршка на социо-економскиот развој и за олеснување на процесот на повторно обединување на Кипар. 

Како што соопшти ЕК, оваа Програма за помош има за цел да поттикне зголемување на трговијата меѓу двете заедници на Кипар, преку усогласувањето на „производите на кипарските Турци“ со стандардите на ЕУ.  

Поддршката ќе биде насочена и кон поттикнување на растот на малите и средни претпријатија, кон подобрување на вештините на работниците, наставниците и децата со посебни потреби, кон исплата на стипендии за студирање на кипарските Турци во земјите членки на ЕУ, како и кон поддршка на проекти во областите на енергетска ефикасност, користење обновлива енергија и заштита на животната средина. 

Како дел од напорите за градење доверба меѓу кипарските Грци и Турци, Програмата вклучува и континуирана поддршка за Комитетот за исчезнати лица на Кипар, како и средства за реставрација на кипарското културно наследство, промовирање на помирувањето и почитувањето на културната и религиозната разновидност. 

Од 2006 година, па до денес, ЕУ на кипарските Турци им има исплатено помош во износ од околу 760 милиони евра.