ЕК: Не секој предлог за комесар ќе биде прифатен како кандидат


Новиот предлог на унгарската влада за комесар, сегашниот амбасадор при ЕУ, Оливер Вархелји, ќе треба прво да биде интервјуиран од новоизбраната претседателка на Европската Комисија Урсула фон дер Лејн, која потоа ќе одлучи дали може да биде официјално кандидат за комесар.

Ова го објасни портпаролката на Европската Комисија, Мина Андреева.

-Не секое предложено име е назначен како кандидат. Претседателката ќе треба прво да ги интервјуира кандидатите, потоа изменетиот список на предложени комесари треба да биде усвоен ако таа ги прифати предложените кандидати, рече Андреева.

Доколку Урсула фон дер Лејн го прифати новиот предлог на унгарскиот премиер Виктор Орбан, тој, како и неговиот претходник, ќе треба да биде сослушан прво од парламентарна комисија за правни работи за да се утврди дали постои конфликт на интереси, и конечно да го помине и официјалниот испит пред комисијата за надворешни работи на Европскиот Парламент.

Вчера европратениците ги отфрлија по вторпат кандидатурите на комесарите од Романија и Унгарија поради судир на интереси. Веднаш потоа Орбан го предложи сегашниот унгарски амбасадор при ЕУ, Оливер Вархелји.

Во теорија, Вархелји би требало да конкурира за истото портфолио како и неговиот претходник, Ласло Трочањи – проширување и соседска политика, но Андреева не сакаше да потврди ниту да ја отфрли можноста дека ресорите ќе се менуваат.

Портпаролката истакна дека на интервјуто, Фон дер Лејн ќе ја испита компетентноста на новоименуваниот кандидат од Унгарија пред да одлучи дали е прифатлив и дали е способен да го води ресорот проширување и соседска политика.

-Не шпекулираме за крајната одлука пред претседателката да има прилика да го интервјуира. Се разбира дека таа е тука да ја провери компетентноста на кандидатите за одредена област како и нивната независност, изјави Андреева.

Европската Комисија нема да открие кога ќе се одржи интервјуто на Вархелји со Фон дер Лејн.