ЕК не го коментира спорот помеѓу Хрватска и Унгарија за енергенсите

Портпаролката на Европска комисија, Ана-Каиса Итконен денеска изјави дека ЕК го набљудува тестирањето на Јадранскиот нафтовод (ЈАНАФ) и не сака да го коментира заемното обвинување помеѓу Хрватска и Унгарија.
Според најновите информации што ми се достапни, тестовите сè уште се во тек. Во контакт сме со земјите-членки, но немам коментар за коментарите на која било страна за овие тестови, посочи Итконен.
Шефот на унгарската дипломатија Петер Сијарто неколку пати ја обвини Хрватска за „воено профитерство“ и оти ЈАНАФ нема капацитет континуирано да ја снабдува Унгарија со потребната количина нафта.
ЈАНАФ ги отфрли таквите тврдења, нагласувајќи дека хрватскиот гасовод е подготвен да извезува доволни количини во Будимпешта и дека експертската ревизија покажала дека неговото одредување цени е во согласност со светските стандарди.
Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, исто така, ги коментираше изјавите на Сијарто, нарекувајќи ги скандалозни.
Според Итконен, ЈАНАФ би можел да им помогне на Унгарија и на Словачка да ги диверзифицираат своите резерви и да се откажат од руската нафта.
– Тоа е во согласност со целите на „РЕПауерЕУ“ (REPowerEU), посочи Итконен.
„РЕПауерЕУ“ е план на ЕК од 2022 година како одговор на руската инвазија врз Украина со цел да се стави крај на зависноста од руските фосилни горива до 2030 година.
ЕК во јуни дополнително предложи постепено да се укине увозот на гас и нафта од Русија уште порано до крајот на 2027 година, така што Европска Унија дефинитивно ќе ја прекине својата зависност од руските фосилни горива.
– Ние остануваме подготвени, како и секогаш, да олесниме каква било дискусија, каков било разговор меѓу нашите земји-членки додека тие, во овој случај, се стремат да го зголемат протокот на нафта преку нафтоводот ЈАНАФ, но нема да коментираме никакви дискусии, спорови или нешто слично помеѓу нашите земји-членки, истакна Итконен.