ЕК не ги коментира противречните изјави од Софија околу инцидентот со авионот на Фон дер Лајен

Брисел – Бугарската контрола на воздушниот сообраќај потврди дека имало радио пречки на авионот со кој претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен во неделата пристигна во Пловдив, изјави денеска заменичката главна портпаролка на ЕК, Аријана Подеста.
Изјавата на Подеста претставуваше одговор на новинарско прашање за коментар на Европската комисија на изјава на бугарскиот заменик-премиер и министер за транспорт и врски Гроздан Караџов дека „нема ниту еден доказ што ги потврдува информациите за прекин на ГПС сигналот што влијаел на летот“ на авионот.
– Нема да коментираме изјави и информации во медиумите. Во соопштението за печат на бугарските власти од неделата се вели дека за време на летот на претседателката на Европската комисија до Пловдив, сателитскиот сигнал што обезбедува податоци за ГПС навигацискиот систем на авионот бил прекинат додека тој се приближувал до аеродромот. Контролата на воздушниот сообраќај веднаш презела алтернативен пристап за слетување со користење на копнени навигациски системи, истакна Подеста, цитирајќи делови од соопштението.
Во однос на изјавата на бугарскиот премиер Росен Жељазков дека Бугарија нема да спроведе дополнителна истрага за случајот, Подеста нагласи дека останува на властите во Софија сами да решат како ќе постапуваат во врска со настанот, додавајќи дека Еврокомисијата нема такви надлежности.
Подеста нагласи дека ова не е изолиран инцидент, бидејќи имало слични настани на летови во близина на источната граница на ЕУ, посочувајќи дека и во соопштението на бугарските власти се наведува дека „од почетокот на непријателствата во Украина во 2022 година има зголемен број на нарушувања поврзани со ГПС сигналите“ во воздушниот сообраќај.
– Бугарските власти се многу добро свесни дека ова е проблем што редовно се случува на нашата источна граница и на нивна територија, рече Подеста.
Според неа, ова не е случај само во Бугарија, туку и во многу други земји членки на ЕУ, што бара акција на европско ниво за да обезбедат сигурни летови.
– Факт е дека од почетокот на руската воена агресија на Украина, ваквите епизоди се зголемија. Затоа е потребна координирана акција од Европската Унија и Комисијата ги поддржува земјите членки во развојот на Акциски план на ниво на целата Унија со јасни мерки, бидејќи сме многу свесни дека ова е проблем што се јавува многу често, додаде Подеста.