ЕК лансира иницијатива за поддршка на локални иновативни трансформациски политики ширум Европа

Европската комисија денеска ја лансира иницијативата „Иновација за локална трансформација“, која има за цел поддршка на иновативните трансформациски политики во околу 200 области ширум Европа, вклучително и во Северна Македонија.
– Оваа иницијатива има за цел да ја подобри нивната конкурентност и да ги подготви за идните предизвици. Со неа се опфатени неколку влади од земјите членки на ЕУ, како и региони, градови и трети држави поврзани со програмата „Хоризонт Европа“, како Украина, Северна Македонија, Турција и Норвешка, соопшти ЕК.
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, иницијативата ќе се фокусира на зајакнување на капацитетите на овие области преку мобилизирање на ресурси и изнаоѓање решенија за надминување на клучните предизвици поврзани со транзицијата кон циркуларна економија, подобрување на здравствените системи, прилагодување кон климатските промени и унапредување на дигиталната трансформација.
– Надоградувајќи се на поддршката на Заедничкиот истражувачки центар за политиките за иновации, иницијативата има за цел да ја промовира регионалната соработка и да ја поттикне трансформацијата ширум европските области. Иницијативата, поддржана од Европскиот парламент, придонесува кон целта на ЕУ за насочување на зелената и дигитална транзиција кон изградба на фер, конкурентна и одржлива економија, се потенцира во соопштението.
Според извршната потпретседателка на Европската комисија за чиста, праведна и конкурентна транзиција Тереза Рибера, станува збор за иновативен пристап што ги прифаќа и поддржува различностите.
– Сите можеме да придонесеме за нашиот заеднички просперитет, да ги поттикнеме изворите на креативност и да изградиме поотпорна и одржлива Европа, додаде Рибера.
Извршниот потпретседател за кохезија и реформи Рафаеле Фито, пак, нагласи дека оваа иницијатива на ЕУ има за цела да ги трансформира европските области во двигатели на иновациите и трансформацијата.
– Со поддршка на локалните решенија, можеме да помогнеме во зајакнувањето на регионите, градовите и заедниците да ја подобрат својата конкурентност, да го поттикнат растот и да се подготват за предизвиците на Европа денес и утре, додаде Фито.