ЕК изготви листа од 47 стратешки проекти за зајакнување на европските капацитети на суровини


Европската комисија денеска усвои листа од 47 проекти за зајакнување на домашните стратешки капацитети на суровини, што се очекува да го зајакне европскиот синџир на вредност на суровини и да ги диверзифицира изворите на снабдување. 

По повод изработката на оваа прва листа на Нови стратешки проекти, како дел од мерките за спроведувањето на Законот за критични суровини (ЦРМА), извршен потпретседател на Европската комисија за просперитет и индустриска стратегија Стефан Сежурне изјави дека Европа во моментов зависи од трети земји за многу суровини што и се најпотребни, па затоа мора да го зголеми сопственото производство, да ја диверзифицира својата понуда и да создаде залихи. 

– Денеска идентификувавме 47 нови стратешки проекти кои за првпат ќе ни помогнат да обезбедиме сопствена домашна набавка на суровини. Ова е значаен момент за европскиот суверенитет, истакна Сежурне при претставувањето на листата. 

Според него, суровините се значајни за зајакнувањето на најстратешките синџири за снабдување на ЕУ, но и за напорите за декарбонизација на Европа. 

Идејата на оваа листа е да се обезбеди до 2030 година ЕУ од свои извори да обезбедува суровини од најмалку 10 проценти со екстракција, 40 отсто со преработка и 25 проценти со рециклирање. Дополнително, годишната потрошувачка на Унијата на секоја стратешка суровина од еден добавувач од трета земја не смее да биде поголема од 65 проценти. 

Помагајќи и на Европа да ги исполни овие цели, според Сежурне, новите стратешки проекти значително ќе придонесат и за зелените и дигиталните транзиции, истовремено поддржувајќи ја европската одбранбена, воздухопловна, автомобилската и металската индустрија. 

Тој додаде дека новите 47 стратешки проекти ќе бидат реализирани во 13 земји членки на ЕУ и тоа Белгија, Германија, Грција, Естонија, Италија, Полска, Португалија, Романија, Финска, Франција, Чешка, Шведска и Шпанија. Од нив, 25 проекти се поврзани со активности за екстракција, 24 за преработка, 10 за рециклирање и два за замена на суровини.  

Со стратешките проекти се опфатени 14 од 17-те стратешки суровини наведени во Законот за критични суровини, меѓу кои и 22 поврзани со литиумот, 12 со никелот, 11 со графитот, 10 со кобалтот, седум со манганот, три со волфрамот и еден со магнезиумот. 

Според Европската комисија, овие проекти ќе гарантираат дека ЕУ до 2030 година ќе може целосно да ги исполни своите одредници за екстракција, преработка и рециклирање за литиум и кобалт, а истовремено ќе направи значителен напредок во однос на графитот, никелот и манганот. Се очекува тие да придонесат за безбедно снабдување на ЕУ со стратешки суровини со придржување до еколошките и социјалните критериуми и да јасни прекугранични придобивки за Унијата. 

За реализација на проектите е предвидена вкупна капитална инвестиција од 22,5 милијарди евра, како и рационализацијата на постапките за издавање дозволи, без при тоа да се нарушат стандардите за животната средина, за социјалната заштита и за менаџирањето.  

Сежурне истакна е предвидено процесот на издавање дозволи да не биде подолг од 27 месеци за екстракција и 15 месеци за останатите проекти, за разлика од сега, кога постапките за издавање дозволи може да траат од пет, па до 10 години. 

Законот за критични суровини (ЦРМА) на ЕУ стапи во сила на 23 мај 2024 година и истиот ден, Еврокомисијата распиша конкурс за доставување предлози за стратешки проекти, што траеше до 22 август. Врз основа на овие предлози, ЕК ја изготви денеска усвоената Листа на проекти за екстракција, преработка, рециклирање или замена на стратешки суровини.  

Меѓу доставените предлози имало и идеи за проекти во трети земји што не се членки на ЕУ и за нив Еврокомисијата, според Сежурне, ќе донесе одлука „во следните недели“.

Извршниот потпретседател најави и дека е планирано кон крајот на летото Комисијата да објави нов конкурс за аплицирање за стратешки проекти.