Егоизам на пазарот на вакцини: За Американците по шест вакцини, за други ниту една


Според податоците што ги има УНИЦЕФ, Македонија има формализиран договор за вакцината „Фајзер“, за „Спутник“ и за тие што ќе дојдат од Ковакс, но никаде не се споменуваат договорени вакцини од Кина

 

Слободанка Јовановска

На пазарот со вакцини владее егоизам и анархија. Дури 35 земји склучиле договори со производителите за купување повеќе вакцини од бројот на жителите за 300 отсто, додека Канада и САД  договориле за себе шестпати повеќе отколку што имаат жители во моментов, што значи дека ќе можат годинава сите да се вакцинираат двапати по две дози – и да им остане по уште една доза за идната година. Ова е причина што, иако е најавено производство од 21 милијарда вакцини годинава, речиси по три за секој жител на планетата, повеќе земји не можат да обезбедат ни минимално количество за најзагрозените групи.  

Овие фрапантни податоци ги објави УНИЦЕФ, а Македонија на таа листа е речиси на дното, иако е сепак меѓу земјите што успеале да договорат нешто. Според податоците што ги има УНИЦЕФ, Македонија има формализиран договор за вакцината „Фајзер“, за „Спутник“ и за тие што ќе дојдат од Ковакс, но никаде не се споменуваат договорени вакцини од Кина. За илустрација, додека САД склучиле договор за купување вакцини со „Фајзер“ во мај минатата година, а Европската комисија во септември, Македонија според УНИЦЕФ го сторила тоа пред две недели. Според податоците од УНИЦЕФ, Македонија треба да добие околу 100.000 вакцини „АстераЗенека“ од Ковакс системот до крајот на овој месец, но не тие што се произведуваат во Европа, туку од фабриката во Индија.

Анализата на табелите на УНИЦЕФ покажува и други интересни факти. Така, иако Европската унија е најнапаѓана дека е несолидарна и дека забранува продажба на вакцините што се произведуваат на нејзината територија, табелите покажуваат дека и покрај тоа што е на врвот по договорените количини вакцини, ниту една од земјите членки не успеја да имунизира повеќе жители од Србија и да ја надмине границата од 20 отсто вакцинирана популација, вклучувајќи ја и Германија која стигна до 12 отсто, а Бугарија е на дното со само 5 отсто вакцинирано население.

Уште поинтересно, Русија која продава вакцини на целиот свет и го претвори „Спутник“ во геополитичко оружје, вакцинирала само 5,2 отсто од своето население. Кина, пак, иако донирала над 8 милијарди вакцини во целиот, од кои најголемиот број во Африка, обезбедила вакцини само за 3,6 отсто од своето население. Израел, кој договорил вакцини колку да има за секој свој жител по две дози, успеја да ги добие сите до една, а зад него по процентот обезбедени вакцини во однос на бројот на жителите се Сејшелските острови (89 отсто), во најголем дел добиени како донација од Индија и од Обединетие Арапски Емирати. По бројот на обезбедени (не договорени) вакцини, по овие две земји, се Обединетите Арапски Емирати (за 65 отсто од популацијата), Чиле (за 45 отсто популација), Велика Британија (за 37 отсто), Србија (за 22 отсто), додека Белгија на пример обезбедила вакцини за само за 9,3 отсто од жителите, но далеку сепак пред Македонија, Ирак и Виетнам кои обезбедиле вакцини за 0,1 отсто од граѓаните.

Според табелите, од најавените 21 милијарда вакцини што наводно ќе се произведат годинава, испорачани досега се 474 милиони, од кои како бројка најмногу искористиле САД – 151 милион, а потоа Кина (52 милиони), Индија (38 милиони) и Велика Британија со 25 милиони добиени вакцини. Притоа, додека сите се натпреваруваат колку повеќе да купат за себе, само десет земји донирале на други од своите вакцини – Кина (на 28 земји), Индија (на повеќе земји), Русија (на БиХ и Палестина), ОАЕ (на Сејшелите), Израел (на Палестина, Сирија и Чешка), Романија (на Молдавија), Франција (на Словачка), Чиле (на две соседни латиноамерикански земји) и Србија (на Македонија, на Црна Гора и на БиХ).

Податоците на УНИЦЕФ покажуваат исто така дека во светот во моментов се регистрирани 14 вакцини, но одобрена во најмногу земји е вакцината на „Фајзер/Бионтек“ (во 62 земји), па „Спутник“ (во 53 земји), европската „АстраЗенека“ во 45 земји,  индијската „Астра/Зенека“ (во пет), „Џонсон и Џонсон“ во 31 земја,  „Синовак“ во 15 земји… Проценките се дека идната 2022 година ќе бидат произведени дури 37 милијарди вакцини, а покрај САД и ЕУ досега меѓу најголемите купувачи е и Африканската унија.

За разлика од „Фејзер/Бионтек“ и „АстраЗенека“, кои годинава договориле нарачки од околу три милијарди вакцини, за руската „Спутник“ се договорени само половина милијарда дози, иако најголемите држави во Латинска Америка сметаат на неа. Гледано континентално, „Спутник“ владее во Јужна Америка, „Фајзер“ во САД и во Европа, „Синовак“ и „Синофарм“ во Африка и Азија. Притоа цените, според УНИЦЕФ, се движат од 2,06 до 44 долари за вакцина, па испаѓа дека производителите кои најмногу донираат (Кина), најскапо ги наплаќаат вакцините, веројатно покривајќи ги трошоците за донациите со повисоката цена. Па така, додека вакцина на „Фајзер“ може да се купи од 5 до 12 долари , „Џонсон и Џонсон“ за 9 до 10 долари, „Нововакс“ максимум 5 долари,  а „АстраЗенека“ од 2 до 12 долари, една вакцина „Синофарм“ чини од  19 до 44 долари, а „Синовак“ од 10 до 30 долари. Трендот го расипуваат „Спутник“ со цена до 20 долари и вакцината „Модерна“ која чини од 19 до 38 долари.

Со оглед на најавите дека Македонија наскоро ќе добие вакцини од КОВАКС системот и дека тие ќе бидат од „Астра/Зенека“, денес објаснување бараше ТВОЈА партија, во смисла зошто БиХ ќе добие вакцини од „Фајзер“, а ние од најконтроверзната вакцина изминативе десетина дена. Според она што го објави УНИЦЕФ, Ковакс има обезбедено 240 милиони вакцини од „АстраЗенека“, 600 милиони од „Џонсон и Џонсон“,  а само 1.200.000  од „Фајзер“ – и со нив треба да одговори на аранжманите со 145 земји во светот. Уште повеќе што и тие не се сигурни кога ќе ги добијат.