Египет, Израел и Хамас се договорија: Започна евакуацијата (Фото/видео)

Постигнат е договор да им се дозволи на странските државјани и на некои сериозно повредени цивили во Појасот Газа да ја напуштат областа


 

Египет, Израел и Хамас со посредство на Катар и во координација со САД постигнаа договор за евакуација.

Постигнат е договор да им се дозволи на странските државјани и на некои сериозно повредени цивили во Појасот Газа да ја напуштат областа, објави Ројтерс, повикувајќи се на неименуван извор.

Агенцијата додава дека нема временска рамка до кога ќе биде отворен преминот Рафа, на границата со Египет.

Преминот Рафа на границата меѓу Египет и Појасот Газа беше отворен денеска, а на видео снимките се гледа како луѓе и автомобили го напуштаат Појасот Газа, пишува „Гардијан“.

Си-Ен-Ен претходно објави дека околу 80 амбулантни возила од Египет биле на преминот Рафа за да ги примат повредените Палестинци.

Пациентите ќе бидат првите Палестинци на кои ќе им биде дозволено да го напуштат Појасот Газа од почетокот на војната меѓу Хамас и Израел на 7 октомври.

Палестинската милитантна група Хамас претходно денеска објави список на луѓе на кои им е дозволено да го напуштат Појасот Газа преку преминот Рафах.

Списокот што го објави Палестинската гранична управа на Фејсбук, вклучува државјани на Австралија, Австрија, Бугарија, Индонезија, Јордан, Финска, Чешка и Јапонија.