„Ефтеркланг: Македониум бенд” – распродадена премиерата за отварањето на Синедејс на 11 јули


Со проекција на филмот „Ефтеркланг: Македониум бенд”, во режија на Андреас Јонсен, во продукција на МКЦ, Rosforth и Rumraket, како и со концерт на „Ефтеркланг: Македониум бенд”, на 11 јули ќе биде отворен  23. издание на фестивалот СИНЕДЕЈС.

Музичкиот документарен филм кој се снимаше во текот на април 2023 претставува музичко патешествие на групата Ефтеркланг во потрага по македонски музичари, со цел составување на голем ансамбл и нивен заеднички перформанс пред споменикот „Македониум” во чест на симболот на архитектонскиот споменик за слобода и независност, соопшти МКЦ. 

Премиерата на филмот, се одржа на 23 март 2024 во рамките на „CPH:DOX” и беше проследена со уникатен концерт на ансамблот „Ефтеркланг: Македониум бенд” во кој членуваат 22 македонски музичари. 

Филмот ја заокржува истражувачката потрага на овој дански состав, преку патувачка турнеја низ Македонија. Младински културен центар се јавува во улогата на продуцент преку својата логистичка и организациска поддршка на целиот проект.

Покрај бендот Ефтеркланг, во ансамблот членува и Женскиот младински хор при МКЦ со 16 хористки, потоа музичарите Стефче Стојковски, Дејан Спасовиќ, Дина Јашари, Ива Дамјановски, Мартина Баракоска и Јане Трајковски.

Реализацијата на филмот е поддржана од страна на Министерството за култура со 250.000 денари, потоа Данскиот уметнички совет и „Culture Moves Europe” програмата на Европска унија.

Годинашниот фестивал CINEDAYS ќе трае до 17 јули.

Под годинешниот слоган „Како е? Викај ура“, летните скопски филмски вечери ќе ги пресретнуваме во паркот зад Младинскиот културен центар, киното Фросина и летното кино на отворено во Кинотека.

И годинава, натпреварувачката програма на CINEDAYS е селекција на Бернд Будер. Во фестивалската програма ќе видиме светски и македонски филмови и копродукции што „гравитираат“ во Официјална селекција, Гала програма, SEE програма, МК Shorts (кратки филмови), Ретроспектива на филмови посветена на легендарниот југословенски режисер Вељко Булајиќ како и кратки филмови од култниот европски автор Вим Вендерс.

Во ГАЛА програмата, CINEDAYS директно од Кан кој се одржа кон крајот на мај 2024, ги носи наградените остварувања на Кроненберг, Вуди Ален, неверојатното остварување на Корали Фержо со Деми Мур во главна улога, последниот филм на иранскиот легендарен режисер Расулоф, потоа Оноре, Жанг Жи, Хазанавициус, Полански. CINEDAYS е единствениот фестивал во Европа кој ја има таа привилегија да ги прикаже овие наслови директно по нивната премиера во Кан.

Поради големиот интерес, во придружната програма, повторно и оваа година ќе се реализира меѓународниот проект LIVING MUSIC под водство на професката Дарија Андовска во која студенти или тукушто дипломирани режисери и композитори од Европа работат заедно во резиденцијален проект за време на фестивалот и создаваат филмска музика која потем ќе ја изведат во живо.

Билетите за фестивалот CINEDAYS ќе бидат по цена од 250 денари на билетарниците на МКЦ и Кинотека како и на линкот за олајн продажба на билети на МКЦ, bileti.mkc.mk.