Едно лице загина: Песочна бура го зафати Египет

Песочните бури се многу честа појава во Египет.


Сцени слични на холивудските беа снимени во четвртокот во Египет, откако песочната бура зафати голем дел од земјата, при што едно лице загина.

Уште пет лица се повредени во песочната бура, јавуваат медиумите.

Видеата на социјалните мрежи го покажуваат интензитетот на феноменот кој го зафати Египет.

Во Каиро, песочна бура доведе до соборување на билборд, кој падна врз четири возила во центарот на градот. Во Суецкиот канал затворени се две пристаништа поради лошите временски услови, додека песочната бура беше придружена со силен ветер и високи бранови .

Според локалните медиуми, песочните бури се честа појава во Египет во текот на пролетта и предизвикуваат респираторни проблеми.

Во една таква бура во 2021 година, товарниот брод „Евер Гивен“ се закотви во дијагонална положба, што предизвика проблеми во сообраќајот низ каналот околу една недела.