Еди Рама не очекува ништо од европскиот самит, Бугарија е виновна

Албанскиот премиер вели дека бугарската политика влегла во спирала од која не може да излезе. Тој има разбирање што Србија уште не воведува санкции за Русија


 

Албанскиот премиер Еди Рама вели дека бугарската политика со блокадата на Македонија влегла во спирала од која не може да излезе. И ако ЕУ не донесе одлука за преговори во јуни ќе бара одвојување на Албанија од Македонија. „Немам никакви очекувања. Мислам дека ништо нема да се случи. Албанија и Македонија нема формално да отворат разговори за пристапување“, вели Рама во разговор за бриселски „Политико“.

„Се работи за Бугарија. Сите се согласуваат, сите поддржуваат, сите мислат дека ова треба да се случи, и ова веќе требаше да се случи. Но, нивниот маневарски простор е ограничен од Бугарија“. 

Во разговорот тој го повторува она што и друг пат го навестил – дека ќе бара Албанија и Македонија да се раздвојат. „Ако ништо не се случи во јуни, ќе побараме да се разделиме од оваа двојка која е изгубена во преводот“, рече Рама.

 

Еве го целиот текст на „Политико“:

Албанскиот премиер Еди Рама вели дека не очекува самитот на ЕУ следната недела да го отвори патот за неговата земја да ги започне преговорите за членство и ја префрли вината на Бугарија.

Сите влади на ЕУ уште во март 2020 година се согласија да им дадат зелено светло на Албанија и Северна Македонија за почеток на преговори за членство. Но, преговорите допрва треба да започнат откако Бугарија инсистираше на тоа дека сака отстапки од Северна Македонија во билатералните спорови кои се однесуваат на јазикот, историјата и идентитетот.

Иако блокадата на Софија се однесува само на Северна Македонија, ЕУ фаворизираше заеднички да ги решава кандидатурите за членство на Албанија и Северна Македонија – така што и Албанија е ефективно блокирана.

Тешката состојба на земјите од Западен Балкан е навремено предупредување за каприците на пристапот во ЕУ за Украина, која притиска среде руската инвазија да стане кандидат за членство во ЕУ на самитот следната недела. ЕУ го даде тој статус на Северна Македонија во 2005 година, а на Албанија во 2014 година, но сепак не успеа да започне разговори со ниту една од двете земји.

Германскиот канцелар Олаф Шолц ја посети Бугарија минатата недела во обид да ја надмине блокадата на Софија пред претстојниот самит во Брисел, кој ќе се одржи во четврток и петок следната недела. Но, во интервју за „Политико“ Рама јасно рече дека е песимист.

„Немам никакви очекувања. Мислам дека ништо нема да се случи. Албанија и Северна Македонија нема формално да отворат разговори за пристапување“, рече тој, седејќи во кафена кожна фотелја во неговата канцеларија во Тирана.

На прашањето дали некои лидери на ЕУ сигнализирале дека разговорите може да започнат наскоро, Рама одговори: „Какви сигнали можат да дадат? Не се работи за нив. Повторно, се работи за Бугарија. Сите се согласуваат, сите поддржуваат, сите мислат дека ова треба да се случи, и ова веќе требаше да се случи. Но, нивниот маневарски простор е ограничен од Бугарија“.

Рама (57), поранешен кошаркар и сликар – кој ги прекри ѕидовите на неговата канцеларија со свои шарени уметнички дела – рече дека не очекува бугарските лидери да ја променат својата позиција, бидејќи тие го претвориле спорот во толку големо прашање што од што е многу тешко да се повлечат.

„Тоа е спирала. Влегоа во спирала. И од таа спирала е многу, многу тешко да се излезе“, изјави Рама, кој ќе присуствува на состанокот на лидерите од Западен Балкан и ЕУ во Брисел пред самитот.

Бугарските функционери ја бранеа својата позиција, инсистирајќи дека тие едноставно бараат од Северна Македонија да се придржува до претходните обврски и да бараат заштита на правата на Бугарите во земјата.

Северна Македонија, од своја страна, изјави дека прави напори со добра волја да се ангажира со Софија и нагласи дека билатералниот спор не треба да го одложи почетокот на разговорите меѓу ЕУ и потенцијалното членство.

Олаф Шолц и Кирил Петков во Софија (Фото: АФП)

Рама потврди дека ако нема напредок овој месец, тој ќе побара кандидатурата за членство на Албанија да се третира одвоено од онаа на Северна Македонија – чекор што ЕУ досега не сакаше да го преземе, а официјалните лица тврдат дека би било подобро за регионалната стабилност ако двата соседи би можеле да напредуваат заедно.

„Ако ништо не се случи во јуни, ќе побараме да се разделиме од оваа двојка која е изгубена во преводот“, рече Рама. „Уверен сум дека тоа е она што треба да го направиме, а дали [лидерите на ЕУ] ќе се согласат или не, ќе видиме“.

Поддршка за Макрон

Албанскиот лидер, исто така, рече дека ја поддржува идејата на францускиот претседател Емануел Макрон за европска политичка заедница – организација која ќе биде отворена и за членки и за не-членки на ЕУ.

„Мислам дека е во право. Ова требаше да се направи одамна… затоа што ова е визионерско“, рече Рама, притоа одбивајќи да навлегува во детали за формата што заедницата треба да ја има.

„За ова може да се разговара, но во принцип, да се има една политичка заедница која се организира на различни начини… е многу важно, а тоа е надвор од Европската унија што ја имаме денес … која очигледно не е во состојба да се соочи со предизвиците на времето кое лежат напред“, рече тој.

Макрон го постави својот план делумно како одговор на војната во Украина, сугерирајќи дека предложената заедница ќе биде побрз начин за Киев да се интегрира во европските политички структури отколку долгиот процес на пристапување во ЕУ.

Војната во Русија, исто така, ги истакна поделбите на Западен Балкан. Некои земји – како Албанија – ја следеа ЕУ во воведувањето санкции кон Русија, додека други – како Србија – не.

Иако Србија и Албанија често имаа големи несогласувања во текот на децениите, Рама се заложи за разбирање за позицијата на Белград.

„Морате да разберете дека Србија е во многу поинаква позиција од многу други, поради нејзината историја, поради нејзините посебни врски со Русија“, рече тој.

Тој рече дека верува оти Србија треба да воведе санкции со текот на времето, но предупреди да не се притиска Белград, кој е силно зависен од Москва за снабдување со енергија, да прави нешто премногу и прерано.

„Да се бара од нив да бидат таму, токму сега, и низ целиот опсег, е практично невозможно… Тоа е самоубиствено за нивната економија“, рече тој.

Преголемиот притисок на Западот врз Србија може да биде штетен за стабилноста на регионот на Западен Балкан, предупреди Рама.

„Понекогаш треба да се трпиме со другите и да разбереме што се случува, инаку не можеме да ја задржиме оваа заедница заедно за повисоки и подобри цели“, рече тој.

„Мислам дека Србија е на вистинскиот пат. Се разбира, не со брзината што можеби ја посаквува, можеби ја сакаме. Но, верувајте ми, другите сценарија се навистина многу лоши за сите, а особено за овој регион“, рече Рама.