Еден од најлудите натпревари бил одигран на Божиќ – англискиот голман не мрднал од меѓу стативите


На денешен ден во 1937 година се случи еден од најнеобичните моменти во историјата на фудбалот – моментот кога легендарниот голман на Чарлтон, Сем Бартрам, остана убеден дека натпреварот продолжува, иако беше прекинат многу порано поради густата магла.

На тој студен Божиќ во 1937 година, Стемфорд Бриџ беше сцена на несекојдневен настан. Челзи и Чарлтон се сретнаа во малото лондонско дерби, а густата магла го отежна натпреварот и им направи големи проблеми на играчите. Во такви услови, судијата одлучи да го прекине натпреварот бидејќи видливоста повеќе не дозволуваше играта да се одвива нормално.

Но, голманот на Чарлтон, Сем Бартрам, не бил свесен што се случило. Останал неподвижен меѓу стативите на својот гол, убеден дека натпреваорт е во тек. Додека играчите и официјалните лица одамна го напуштиле теренот и се повлекле во соблекувалната, Бартрам трпеливо чекал да се развие ситуацијата, целосно несвесен за прекинот.

Легендарниот момент се случил кога полицаец му пришол на збунетиот Бартрам и го прашал: „Што правиш овде? Натпреварот е прекинат пред 15 минути, стадионот е празен!’ Дури тогаш голманот сфатил што се случило. Кога конечно им се придружил на соиграчите во соблекувалната, бил пречекан со смеа, шеги и аплаузи.

Оваа необична случка стана дел од фудбалскиот фолклор и речиси еден век подоцна сѐ уште се раскажува како еден од најинтересните и најживописните моменти во историјата на фудбалот.

Иако е познат по овој несекојдневен настан, Сем Бартрам изгради одлична кариера. Тој бранеше за Чарлтон на дури 623 првенствени натпревари во текот на две децении, а неговиот статус на еден од најдобрите англиски голмани остана неспорен.