Ед Ширан приреди перфектен аудио-визуелен спектакл во Белград
Британската музичка звезда Ед Ширан синоќа на Ушќе во Белград приреди аудиовизуелен спектакл за неколку десетици илјади посетители од Србија и од регионот кои повеќе од два часа уживаа во концертот на популарниот црвенокос музичар.
Ширан, облечен во мајца на која пишуваше Белград, го отвори концертот со песната „Castle On the Hill” (“Замок на ридот“), а настапот уште на почетокот навести дека покрај музиката ќе има и бројни визуелни ефекти, огномет, пламени јарболи на кои беа поставени пет големи екрани во форма на перце односно “трзалица” за гитара, ласерски ефекти и раскошен кружен видео бим над сцената, кој воедно послужи и како завеса пред и по завршување на концертот.
„Добро вечер“, ги поздрави Ширан на српски јазик присутните, продолжувајќи на англиски дека ова е негов прв концерт во Белград и во Србија и дека „ќе го даде секој атом од својата сила вечерва“.
Она што беше карактеристично е кружната бина која беше поставена во средината, што му овозможи на Ширан да комуницира буквално со сите негови обожаватели, како на партерот, така и на четирите големи трибини. Иако ваквите бини не се новина на концертите на музичките звезди, сепак оваа на турнејата на Ширан “Математикс” како да ги симболизира неговите почетоци како музичар кој настапувал и на улица. Тој има споделено видеа во кои е опкружен со минувачи на кои им музицира и ги анимира, што го прави и на концертите, се разбира со многу поголем аудиториум, а во тоа му помагаше и подвижната платформа на бината.
Она што исто така е карактеристично за Ширан е што многу од неговите песни ги изведува сам, со својата гитара, а некои и со помош на уред наречен лупер кој му овозможува да произведе ритми и семплови со кои иако сам на сцената делува како зад себе да има бенд. Како што објасни, сите тие снимени делови се бришат по секој настап, и потоа ги создава на секој нареден концерт одново пред публиката.
Се разбира, дел од песните беа проследени и со одличен придружен бенд, кој не беше сместен на едно место, туку секој од инструменталистите беше на бина под еден од големите јарболи.
Интеракцијата со публиката беше извонредна, што Ширан го има усовршено во текот на неговата богата кариера. Во еден момент ги “пецна” белграѓани дали може да бидат погласни од загребската публика пред која настапи минатата сабота. Реакцијата, очекувано, беше (изразена во децибели) многу силна, како впрочем до крајот на концертот, на кој Ширан и присутните пееја заедно.
Ширан ги водеше присутните низ својот репертоар “на бранови”, како на пример во баладата „Дива“ користејќи го само микрофонот и пеејќи заедно со публиката, или изведувајќи ја со акустична гитара „Eyes Closed“ посветена на негов починат пријател.
За време на концертот, во два наврати Ширан го придружија специјални гости. Песната “You Are the Reason” ја испеа во дует со англискиот пејач Калум Скот, а потоа на концертот му се придружи и виолинистката Алиша Енстром.
Ширан на концертот изведе многу негови познати хитови, како „Thinking Out Loud”, а хорски беа отпеани и “Love Yourself”, „Sing”, „Happier” и „Photograph”, а некои како „Perfect“, беше придружена со илјадници светла од мобилните телефони.
За бис, Ширан ги остави “Shape of You“ и „Bad Habits“ громогласно отпеани со публиката, а концертот заврши со спектакуларен огномет.
Се на се, да парафразираме една негова песна, Ед Ширан во саботата имаше една перфектна вечер во Белград која долго ќе се памети. (М.Ј.)
Како Ед Ширан стана еден од најпознатите светски музичари
Ед Ширан е англиски пејач, текстописец и музичар роден на 17 февруари 1991 година во Халифакс, Западен Јоркшир. Почнал да свири музика уште како дете. Некои од тие моменти се прикажани во спотот за неговата песна „Фотографија“.
На 18 години се преселил во Лондон за да започне сериозна кариера, а поради недостаток на средства почнал да настапува по улиците на Лондон.
Како и во секоја добра приказна, тој беше забележан од еден од моќните луѓе од индустријата, го сними својот прв албум, кој го привлече вниманието на ни помалку ни повеќе туку славниот Елтон Џон, со кој подоцна настапи Ед. Оттогаш, хитовите се тркалаат како лента.