ЕЦБ: Реалните плати во еврозоната се пониски отколку пред пандемијата


 

Реалните плати во еврозоната се значително пониски отколку во периодот пред пандемијата и најверојатно дополнително ќе се намалат во наредните месеци поради брзиот раст на цените, предупреди во понеделникот Европската централна банка (ЕЦБ).

Пандемијата предизвика големи нарушувања на пазарот на труд поради строгите мерки за ограничување на вирусот и побарувачката за работна сила, особено во секторите каде што има близок конаткт со клиентите .

Острото економско закрепнување по олеснувањето на мерките и недостигот на работна сила поттикнаа силен раст на платите, во споредба со историските трендови, особено во секторите за нега, транспорт и угостителство, нагласи ЕЦБ.

Во 2020 година, реалните и номиналните плати растеа со речиси идентично темпо, што наеднаш се промени во првиот квартал од 2021 година, кога цените почнаа да растат со забрзано темпо, посочувба банката.

„Во почетната фаза на пандемијата, инфлацијата беше многу ниска, како одраз на слабите ценовни притисоци, значително негативно влијание на цените на енергијата и други фактори, како што е привременото намалување на индиректните даноци за стимулирање на економијата“, потсетува ЕЦБ.

Во 2021 година, инфлацијата забрза поради растот на цените на енергијата и проблемите во набавката на стоки и услуги во контекст на отворањето на економијата по укинувањето на пандемиските ограничувања, а резултатот беше постојано продлабочување на јазот меѓу реалните и номиналните плати.

Номинално платите пораснаа помалку од потрошувачките цени, така што куповната моќ на граѓаните се намали и во вториот квартал од минатата година беше за околу 3,6 отсто пониска отколку во четвртиот квартал од 2019 година, непосредно пред почетокот на пандемијата на ковид 19, соопшти ЕЦБ.

„Вистинските плати сега се значително пониски отколку што беа пред пандемијата и најверојатно дополнително ќе паднат во наредните месеци“, заклучува ЕЦБ во написот.

„Ова може да ги поттикне синдикатите да бараат повисоки зголемувања на платите во идните рунди преговори, особено во секторите со пониски плати“, наведува ЕЦБ.

Од таму оценуваат дека номиналните плати ќе растат многу силно и во наредните квартали, споредено со историските нивоа.

„Ова ги одразува робусните пазари на труд кои досега беа главно незасегнати од економското забавување, зголемувањата на минималната плата и платите малку поблиску до високите стапки на инфлација“.