ЕБОР помага да се зголеми капацитетот на македонскиoт пазар на капитал


Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и Македонската берза АД Скопје (МБ) ќе соработуваат во поттикнување на работењето на локалниот пазар на капитал. Со Меморандумот на разбирање, што го потпишаа денеска главниот извршен директор на Македонска берза, Иван Штериев и Фатих Туркменоглу, претставник на ЕБОР за Северна Македонија, се создава основа за соработка меѓу двете страни во насока на зајакнување на локалниот пазар на капитал.

Од Канцеларијата на ЕБОР во Скопје информираат дека преку подигнување на свеста за финансирањето преку пазарот на капитал, се работи на привлекување на повеќе приватни компании да се финансираат преку јавна понуда на акции или да издадат обврзници. Крајната цел е оваа иницијатива да придонесе кон раст на пазарот, зголемување на инвестициските можности, и поддршка на подинамичен финансиски екосистем.

– Со денешното потпишување се обележува важен чекор кон зајакнување на локалните пазари на капитал во земјата. Преку зголемување на свеста за котација на акции и корпоративни обврзници, создаваме нови можности за приватните компании, во однос на пристап до финансиите, нивен раст, но и придонесуваме кон економскиот развој. Подлабок, подинамичен бенефит за пазарите на капитал е корисен не само за бизнисите, туку и за инвеститорите и пошироко за економијата, а ние сме посветени во поддршката на оваа трансформација, изјавил Туркменоглу.

Штериев, пак, укажал дека берзите и пазарите на капитал го постигнуваат својот целосен потенцијал само доколку корпоративниот сектор може да го финансира својот развој и преку нив.

– Македонска берза во континуитет го промовира и популаризира пазарното финансирање на компаниите во нашата држава. Поради низа објективни и субјективни причини на домашниот пазар долго се чека на вистинско ИПО и нови котации на Берзата. Со ЕБРД, како наш најголем долгогодишен поддржувач, споделуваме иста визија дека работите на овој план треба да се менуваат и со потпишувањето на овој Меморандум создаваме стратешка рамка за идна конкретна поддршка на македонските компании што финансирањето на својот развој го планираат преку пазарот на капитал, изјавил Штериев.

Од Европската банка за обнова и развој посочуваат дека се стремат кон поддршка на малите и средни претпријатија, во насока на проширување на базата на оние кои привлекуваат нов акционерски капитал и издаваат обврзници на пазарот. Тоа се прави преку споделување на знаења со Македонската берза за најдобрите меѓународни пракси, во однос на проширување на базата на издавачи на финансиски инструменти, зголемување на корпоративната финансиска култура во земјата, преку активности за градење на капацитет кај локалните компании, во соработка со Македонката берза и обезбедување на таргетирани советодавни услуги за локалните компании, кои размислуваат за издавање на акционерски капитал или издавање на обврзници, со цел да бидат подготвени и за настап на пазарот на капитал.

ЕБОР има инвестирано повеќе од 2.9 милијарди евра во 197 проекти во Северна Македонија, од почетокот на работењето во земјата.