Ѕвезди од Париската опера ќе гостуваат на отварањето на „Танц фест“ на 18 април


Во организација на Културниот центар „Интерарт“, кој годинава одбележува 30 години постоење, на 18 април ќе биде отворен 22. фестивал „Танц фест“. На отворањето ќе гостуваат ѕвезди од Париската опера и ќе се одржи гала натпревар за наградата  „Роксан Стојанов“ на петмина финалисти млади македонски балетски уметници. 

Таа е востановена од Францускиот институт во Скопје и Фестивалот „Танц фест“ со поддршка на Амбасадата на Франција со цел да се поддржи професионалната кариера на млади балетски уметници од 16 до 20 години

Наградата е иницирана од балерината со француско-македонско потекло Роксан Стојанов, откако лани ја доби наградата „Менада“ на „Танц фест“. Таа живее и работи во Париз и е носителка на престижното признание „Ѕвезда на Париската опера“. На нејзиното минатогодишно гостуваше на „Танц фест“ во Скопје е родена идејата за оваа награда со која таа сака да им помогне на млади македонски уметници. Роксан го почнала образованието во Скопје и продолжила да ја усовршува кароерата во Франција, освојувајќи ја светската сцена.

Наградата се состои од седумдневен престој во Париз каде што добитникот ќе ја посети Операта и други институции од уметноста во француската престолнина и ќе биде под директно менторство на Роксан Стојанов. 

По објавениот повик за наградата и направената селекција, на 18 април во МНТ ќе биде избран и прогласен победникот, со одлука на интернационално жири во кое ќе членуваат и првенци од Париската опера. 

Рисима Рисимкин, основачка на „Танц фест“ и на Културниот центар „Интерарт“ денеска на прес-конференција рече дека гостувањето на ѕвезди од Париската опера  во Скопје е историско и дека првпат кај нас ќе биде изведено дело на легендарниот француски кореограф Ролан Пети, а покровителка на настанот, рече, ќе биде претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова. 

-За натпреварот имавме одличен одѕив од младите балетски уметници коишто сега се подготвуваат. По полуфиналето во текот на денот, вечерта во МНТ ќе се одржи финалето со пет финалисти,  рече Рисимкин.

Настан за предотворање на годинашниот „Танц фест“ е гостувањето на француската танцова група „K.Danse“ вечер од 20 часот во Македонскиот народен театар и изведба на танцовата претстава „F_AI_LLE“ на кореографот Жан-Марк Матос. Настанот, кој го организираат Францускиот институт во Скопје и „Танц-фест“, го отвора Месецот на франкофонијата. 

„Танц фест“ ќе се одржува до 5 мај и во рамки на програмата, која ќе биде достапна на веб-страницата на Интерарт“, ќе има Форум за танц и технологија (22-24 април), Денови на македонски кореографи и Скопје танцова платформа со 50-ина професионалци од Европа во чии рамки ќе се одржи Генералното собрание на танцовите фестивали во Европа со учество на 25 директори ан фестивали во ЕУ. „Танц фест“  на 5 мај ќе биде затворен во Битола со изведба неколку перформанси во Народнот театар Битола. 

Покрај 22 изданија на „Танц фест“, во триесетте години Културниот центар „Интерарт“ е и основањето на Скопје танцов театар кој во 15-те години постоење има продуцирано 70 оригинални кореографии од макеоднски и од странски автори. 

Покрај новата награда „Роксан Стојанов“, „Танц фест“ ќе продолжи да ја доделува наградата „Менада“ за врвни уметници (македонски и светски), чиј добитник за 2026 ќе биде соопштен пред отворањето на годинашниот фестивал.