Ѕвездата на Париската опера, Роксан Стојанов, ја прими наградата „Менада“ на Танц фест Скопје

Ѕвездата на Париската опера, Роксан Стојанов, ја прими наградата „Менада“за врвни достигнувања во танцовата уметност за 2025 година, синоќа, на свеченото отварање на годинешното издание на Танц Фест 2025, кој одбележува 35 години современа танцова сцена кај нас. Наградата, во присуство на бројни гости од сите сфери на живеење, ѝ ја врачи истакнатата кореографка Рисима Рисимкин, уметничкиот директор на Танц фест Скопје.
„Благодарение на извонреден талент и уметничка визија, Роксан Стојанов се издига високо во балетската уметнсот, за што е промовирани во Ѕвезда на Париската опера (Étoile de l’Opéra National de Paris), како една од извонредните балерини кои блескаат на балетското ѕвездено небо. Како уметник, Роксан Стојанов пишува историја во епицентарот на балетската уметност, исклучителниот балетски ансамбл на Националната опера во Париз, Франција, но и во нејзината втора татковина, С. Македонија, каде остава ѕвездена трага во балетската историја, за што Бордот на интернационалниот фестивал Танц Фест Скопје, на 21-то издание, со огромна чест и задоволство и ја доделува наградата „МЕНАДА за врвни достигнувања во областа на танцовата уметност!!!“ – стои во одлуката на Бордот на фестивалот Танц Фест Скопје 2025.
Балерината се заблагодари на македионски јазик.
„Бескрајно ви благодарам за оваа прекрасна награда што ми е доделена. Јас можам да го понудам она што го покажувам на сцената и се надевам дека еден ден ќе можам да ја искажам мојата благодарност танцувајќи во Македонија, изјави Стојанов.
Роксан Стојанов е родена во 1995 година во Франција, со француско-македонско потекло; ги започнува своите први танцови чекори во Скопје, на осумгодишна возраст, кога претстојува тука со семејството. Балетското образование го продолжува во Брисел, во 2007 година се приклучува на Школата за танц на Париската опера, а во 2013 година станува дел од балетскиот ансамбл на оваа престижна институција. Низ годините, нејзиниот талент и посветеност биле препознаени преку бројни признанија; во периодот од 2015 до 2022 година, Роксан напредува во хиерархијата на операта и во 2022 година станува првенка на балетот. На 28 декември 2024 година, го доживуува врвот во кариерата, кога по нејзината извонредна изведба во балетот „Пакита“ на сцената на Опера Бастилја, Роксан е прогласена за Ѕвезда на Париската опера – највисокото звање во хиерархијата на Париската опера. Нејзината кариера опфаќа импресивен репертоар, вклучувајќи улоги во класични балети како „Жизел“, „Лебедово езеро“ и „Дон Кихот“, како и современи креации на реномирани кореографи. Прогласувањето за Ѕвезда на Париската опера е признание и доказ за нејзината извонредна уметничка сестраност и посветеност на танцовата уметност.
Со краток перформанс на Универзитетската компанија за танц од Санта Барабара, Калифорнија и со премиера на „Идентитети – будење“, третото и последно дело од трилогијата „Идентитети“ синоќа беше отворено 21. издание на Танц фест Скопје кое ќе трае до 13 мај.

Оваа година, Танц фест Скопје го става фокусот на врската помеѓу танцот и технологијата преку повеќедневна интерактивна поставка во Чифте амам, објект на Националната галерија на Македонија. Фестивалот ќе биде затворен на 13 мај со интерактивната кореографска претстава „Мајселфс“ (Myselves) на Кеј-данс (K-Dance) од Франција, пионери во спојувањето на современ танц и дигитална уметност.