ДЗС реализираше вежби за спасување од поплави, но сегоаш фалат луѓе и опрема


Дирекцијата за заштита и спасување денеска на реката Вардар реализираше спасувачки вежби за спасување и извлекување на повредени и починати лица од поплави предизвикани од поројни дождови. Вежбите беа изведени заедно со Воената академија, Градот Скопје, Општина Карпош, Црвениот Крст и Бригадата на Град Скопје и болницата Аџибадем-Систина како дел од проект на Еразмус што е под покровителство Европската Унија.

Станува збор за вежби во кои, припадници од сите приклучени институции треба да спасат шест лица со повеќе телесни повреди нанесени за време на поплава и извлекување на двајца починати како жртви во случај на поплава.

Заменик директорот на ДЗС Зулфиќар Зејнула информираше дека во 35 подрачја на дирекцијата има околу 300 вработени луѓе, но, прашан дали е тој број доволен, тој рече дека кога станува збор за природни непогоди, никој не може да направи точна проценка колку луѓе треба да има во екипите.

Додека во однос на прашањето дали е научена лекцијата од минатогодишните пожари и дали е земјата подготвена да се справи со такви непогоди, тој одговори дека освен во Македонија, минатата година истото се случи и во неколку земји кои се дури и помоќни.

– Во такви случаи секогаш е потребна помош и од други држави меѓутоа нормално дека оваа година ќе бидеме поспремни, пред време се превземаат неколку мерки, низ цела Македонија гледаме речиси 15 пожарни, исто така делиме и опреми предвреме, сега ни стигна и едниот авион од Шпанија кој беше на сервисирање, другите се во тек. Се надеваме дека оваа година нема да имаме толку проблеми како лани, додаде Зејнула.

Координаторот на ДЗС за големи настани со пожари и поплави, Ивица Наумовски, рече дека овој настан е дел од процесот на едукација на силите за заштита и спасување коишто ги поседува ДЗС.

На новинарското прашање дали е доволна опремата со која располага Дирекцијата рече дека и опремата никогаш не би била доволна и секогаш ќе фали екстра опрема.

– До сега ни фали опрема којашто можам да кажам дека ги задоволува нашите услови за работа, меѓутоа дирекцијата работи на база на волонтери со коишто имаме склучено договор. Нашиот ангажман е само нивна координација, ние не гасиме пожар, ние само повикуваме, ги насочуваме, ги координираме нивните активности на терен. Така да што повеќе луѓе се пријават за гасење на пожар толку полесно ќе се справиме со настанот што е пред нас, нагласи Наумовски.


Раководителот на Одделението за заштита и спасување при Општина Карпош Раде Мицковски, кој е и началник на Штабот за заштита и спасување, во изјава за МИА, рече дека улогата на вежбата е во случај на поплава да се спасат што повеќе животи и да се извлечат жртвите ако ги има.

-Денеска се одвива вежбата „Брз одговор“ во организација на ДЗС. Се работи за ненадејна поплава од поројни дождови на северниот дел на Република Македонија, и јужниот дел на Косово. Тоа се поројни дождови што создаваат голема количина на вода, таканаречена „водена бомба“, преку Лепенец влегува во Вардар, левата и десната страна од Вардар се поплавени и тука настрадуваат пешаци, потенцираше тој.

Исто така информираше дека Општина Карпош учествува со своја единица од десет припадници на Единицата за заштита и спасување.

– Единицата на Општина Карпош има учествувано на неколку вежби со ДЗС, се обучувало во центарот на Црвен Крст во Струга и има учествувано во вистински реални поплави во Србија 2014 година, и поплавите што беа во Скопје 2016 година, нагласи Мицковски.