ДЗС: Младите ги едуцираа повозрасните за заштита на шумите во училница на отворено


Плоштадот „Македонија“ во Скопје денеска се претвори во училница на отворено, каде младите ги едуцираа повозрасните за заштита од пожар на шумите и другите отворени површини во нашата земја. Дечиња од општините од скопскиот регион делеа флаери и им објаснуваа на граѓаните за начинот и за важноста за заштитата од пожар на шумите.

Конкретно, Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), традиционално, во пресрет на летниот период ја поддржува кампањата на Противпожарниот сојуз на Град Скопје, којашто има за цел заштита од пожар на шумите во Скопје и во околните туристичко-излетничките локации во општините во Скопско.

Кампањата, како што истакна претседателот на Противпожарниот сојуз на Град Скопје, Петар Плотников, е со едукативно-превентивна вредност и има за цел придонес за развој на општата и противпожарна култура меѓу младата и секако на воэрасната популација. Притоа беше истакнато дека соработката и координацијата со ДЗС преставува значаен придонес во заштитата од пожари на граѓаните, шумите и други материјални добра во скопскиот регион, а секако и пошироко во нашата држава.